| четврток, 6 декември 2018 |

Првите генетски модифицирани бебиња – револуционерен или монструозен експеримент?

Кинески научник тврди дека го создал првото генетски модифицирано бебе во светот, што би можел да претставува голем чекор напред во науката, но и контроверзно откритие што отвора бројни етички прашања, доколку се покаже дека тврдењето е точно, пренесува британски „Гардијан“.

Истражувачот Хи Џијанкуи од Универзитет за наука и технологија во Шенжен, Кина, истакнал дека направил промена во ембрионите кај седум двојки за време на третманот со плодноста, што досега резултирало со една бременост. Тој порача дека негова цел не било лечењето или спречувањето на наследни болести, туку дека се обидел да создаде отпорност од можни дополнителни инфекции со ХИВ-вирусот.

– Чувствувам голема одговорност дека не е единствено важно да се дојде до откритие, туку да се создаде пример. Општеството ќе одлучи кој ќе биде следниот чекор – кажа Ји.

Менувањето на гените е забрането во повеќето држави бидејќи станува збор за експериментална технологија, а ДНК-промените можат да се пренесат на идните генерации што може да има несогледливи последици. Токму затоа, тврдењата на Ји наидоа на негативни критики од неговите колеги научници.

– Овој експеримент е монструозен, ако е вистинит – истакна Џулијан Савулеску, професор по практична етика на Универзитетот „Оксфорд“, образложувајќи дека генетските модификации се е експериментални и оти постои голем ризик за предизвикување за генетски проблеми, вклучувајќи го и ризикот од појава на рак.

Научниците неодамна открија начин за уредување на гените преку т.н. алатка „Крисп-Кас 9“ која има можност да го надополни одреден потребен ген или да го оневозможи генот кој предизвикува проблеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top