| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на Гоце Илиевски во галеријата во МКЦ

Во Галеријата на МКЦ на 29.11.2018 (четврток) со почеток во 20 часот ќе се отвори самостојна изложба на Гоце Илиевски.
Изложбата е мултимедијална а ќе бидат презентирани, слики, цртежи и кратка анимација (Човек бог) комбинација на GIF анимација и цртежи на очи.

Гоце Илиевски е роден во 1988 година во Скопје. Дипломирал сликарство со насока Конзервација на Факултетот за Ликовни уметности, во класата на Жанета Вангели. Користејќи се со сликарските медиуми, главно маслото, го истражува влијанието на светлината врз мотивот, како и светлината како суштинска енергија. Таа тенденција се појавува низ урбаните мотиви, како и подоцна низ апстрахираните космички претстави и објекти како паралела на интроспективната енергија и бесконечен простор навнатре.
Во изминатиов период има реализирано тринаесет самостојни и повеќе групни изложби. Од големо значење за ликовениот развој се и уметничките престои во Исланд, Германија, Полска и Литванија. Учествува на многубројни ликовни проекти, меѓу кои како поважно се издвојува учеството во филмот Loving Vincent, како сликар и аниматор.

Проектот ,,Човек-Бог‘‘ е мултимедијален проект, синестезија од цртежи и кратка анимација на око што трепка. Човек-Бог е некој што е истовремено и човек и боженствен, или пак човек, кој е идол. За некого тоа е духовен учител, за некого јавна фигура или политичар, за некого тоа е дури и пријател. Може да биде некој што шири љубов и просветление, или човечки идол, кој ги користи луѓето за лични цели. Значењето на проектот е отворено за лична интерпретација. Сите ние сме различни и гледаме на нештата различно, во зависност од сопствената свест. На некое друго ниво, сите ние сме сепак исти.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top