| четврток, 6 декември 2018 |

Поскапуваат билетите во Зоолошка

Од јануари влезот во скопската Зоолошка градина најверојатно ќе поскапи. Цената ќе се зголеми само кај билетот за возрасни и тоа од 50 денари на 80 денари. Билетот за децата останува ист 50 денари за дете, а влезот за деца до три години исто така ќе остане бесплатен. Ова е предлогот на менаџментот на скопската Зоолошка кој ќе го достави на усвојување пред градските советници и кои ќе одлучат дали ќе има или не зголемување на цената. Како причина за барањето за повисока цена од ЗОО Скопје ги наведуваат низата инвестиции преземени изминатите месеци, како и пристигнувањето на новите животни кои носат нови трошоци.

-За цената на влезот не одговарам лично јас одговараат и градските власти. Предлогот доага од мене, но предлогот ќе биде доставен кога ќе завршиме со некои инвестиции и кога ќе пристигнат новите животни тогаш ќе бараме да ја покачиме цената на картата бидејќи ќе треба храна за сите тие животни и одржување на зоолошката. Тоа би било од јануари следната година и не би било драстично зголемување плус 30 денари на билетот за возрасни, вели директорот на ЗОО Скопје, Ѓорѓи Галетановски за „Вечер“.

Во изминатиот период скопската Зоолошка го заврши живеалиштето на слоновите кое чини 400.000 евра, а од септември пристигнаа и двете слоници Даела и Дуња кои одлично се прилагодија на условите во зоолошка. Се доопремува и живеалиштето на шимпанзата кое исто така чини околу 250.000 евра. Се поставија и грејачи во живеалиштето на нилскиот коњ Буцо, а се инвестираше и во заштитните огради на животните.

Во меѓувреме интензивно се работи на чистење на живеалиштата во зоолошката, како и реновирање на најстарите живеалишта. од зоолошката планираат до крајот на летото да ги донесат и пингвините, а нивното живеалиште допрва треба да се доградува. Од летото пак досега во зоолошка редовно се организираат настани за најмладите, пред се дружба со омилените ликови од цртаните серии. Новите жители и инвестиции се одразија на зголемен број на посетители дури за 300 отсто. Од скопската Зоолошка велат дека целта им е да станеме европска зоолошка по примерот на големите метрополи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top