| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва хрватската диско-панкатракција „Лолобригада“ настапува на Недела на дизајнот во Скопје

На Неделата на дизајнот во Скопје годинава ќе има десет концерти на музичари и диџеи од регионот, кои ќе настапат на сцената во поткровјето на „Јавна соба“.

Една од ѕвездите на разновидната музичка програма годинава е српскиот музички продуцент и диџеј Марк Фанк кој веќе настапи на отворањето на 21. ноември и приреди неверојатно искуство за скопјани. Фанк веќе 15 години настапува како диџеј, а заедно со Дени Круз во 2014 ја отвори издавачката куќа „Круз мјузик“ (Cruise Music), која е една од најуспешните издавачи на џекин и фанки хаус во светот.

Вечерва, 23. ноември, настапува хрватската диско-панкатракција „Лолобригада“ со почеток во 22 часот. Групата постои 15 години, а во 2009 освојува награда за најдобар бенд на Балканот на Ем-Ти-Ви Европа. Трите албуми, „Cartoon explosion“, „Lollobrigida Inc“ и „Пилула“ се исполнети со силна енергија и откачени стихови. „Лолобригада“ е единствениот бенд што 11 пати свирел на фестивалот Егзит, а има концерти и на најголемите фествали на Балканот.

Утре (24. ноември) својот концерт ќе го одржи српскиот џез состав ЗАА кој е препознатлив по своите концерти на фестивалите Егзит и Реге Србија. Постоjат 10 години, a позади нив се 3 албуми – „ЗАА“ (2010), „Good Things“ (2011) и „What About“ (2014). Концертот започнува во 22 часот на поткровјето на Јавна соба.
Во текот на фестивалот свои настапи ќе имаат и диџеите Константин, Еми Ермилова, Соул Кејс.
Недела на дизајнот во Скопје е дело на Јавна соба – Центар за дизајн и иновација, во соработка со Делегацијата на германското стопанство со канцеларија во Македонија.

Активностите ќе се реализираат во „Јавна соба“ и „Лукс“ секој ден од 10:00 до 01:00 часот, а влезот за сите посетители е слободен.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top