Европската комисија повторно потенцираше дека билатералните контакти и нивното зачестување меѓу политичките лидери на Македонија и Грција се добри во однос на наоѓање решение за прашањето за името. Според Маја Коцијанчич, портпарол на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Кетрин Ештон, Комисијата повикува на тоа дека договорено и заеднички прифатливо решение за прашањето за името, под капата на ОН, останува есенцијално.
– Се појави надеж дека последната иницијатива од посредникот на ОН, за формални преговори со нов момент би донеле пробив во однос на ова прашање. Во тој контекст, ЕК ги поздравува извештаите од неодамна за билатерални контакти меѓу Македонија и Грција, истакна Коцијанчич, коментирајќи ја позицијата на ЕК во однос на негативниот одговор на грчкиот премиер Андонис Самарас.
Околу тврдењето на Самарас дека ЕУ, а не Грција, го блокира членството на Македонија во ЕУ, како и дека не ги исполнува Копенхашките критериуми, Пиа Аренкилде-Хансен, портпарол на Жозе Мануел Баросо, посочи дека таа нема што да додаде на изјавата на Петер Стано, портпарол на Штефан Филе.
Затоа Коцијанчич посочи дека „е позната позицијата на ЕК и дека истата е повторена многупати“, мислејќи на позитивните препораки во изминатите четири години.
МИА според извори од ЕУ, грчкиот премиер „може да зборува што сака“, но дека не држи обвинувањето дека земјата не ги исполнува Копенхашките критериуми, кога Еврокомисијата, како нивен заштитник, го потврдила спротивното.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


