| четврток, 6 декември 2018 |

Првпат на ГАК е воведен специјален НеоПаф – респиратор во салите

Снежана Рсовац, педијатар, пулмолог и началник на педијатриската Интензивна нега при Универзитетската детска клиника во Белград, која веќе еден месец престојува на скопската Клиника за гинекологија и акушерство како експерт, помага да се намали смртноста кај новороденчињата, соопшти Министерството за здравство.

Доктор Рсовац, престојува на ГАК на покана на министерот за здравство Доц. д-р Венко Филипче и за време на нејзиниот престој, за само еден месец, направени се неколку суштински промени кои придонесуваат за поголема и поорганизирана работа на ова одделение, се разбира во интерес на малите пациенти. На иницијатива на доктор Рсовац, на ГАК на одделението за неонатална интензивна нега и терапија, воведени се нови листи на терапии, дозволени се посети на одделението за мајките и сега може да дојдат да бидат со бебето.

Многу е важно да се напомене дека, и за првпат според нејзини насоки е воведена неинвазивна вентилација преку постоечките респиратори, и е воведен специјален НеоПаф – респиратор во салите.

Но, исто така во договор со директорите на трансфузиологија и радиологија, најден е начин како да се забрза изработка на анализите кои ќе бидат готови само за само еден ден, со што ќе се интензивира работата, а ќе се намали чекањето на резултатите , што е примарно за брза лекарска реакција кај новородените.

Во првите шест месеци од 2018 година, споредено со истиот период лани, смртноста кај новороденчињата на Клиниката за гинекологија е намалена од 26 на 17 отсто.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top