| четврток, 6 декември 2018 |

Град Скопје лаже дека на Водно не е пробиен пат: Ако патов не е за гасовод, тогаш е за дрвокрадци (ФОТО)

Град Скопје демантира дека е пробиен пат на Водно, негира поврзаност на мистериозниот пат низ Водно со гасоводната траса на која се работи, објаснувајќи дека се работи за „постоечка патека/пристапен пат до постоечки имоти (ниви) кој изминатиов период е исчистен (порамнет)“.

Многу интересно е што баш сега, пред почеток на зимата, после години и години оставен „непорамнет“, патот наеднаш се срамнил за сопствениците на нивите да дојдат до нив и ги работат. Се прашуваме што ги навело баш сега на вакво потег? Да не им текнало пченица да садат?
Патеката/патот на google earth преку сателитските снимки што ги прават неколкупати годишно не може да го видите ни годинава, ни лани, ни изминатите години, има зеленило на негово место.

Велат, вработени од ЈП „Паркови и зеленило“ присуствувале на терен за време на порамнувањето на теренот и во текот на сите активности и дека за време на чистењето на теренот не е оштетено ниту зеленило, ниту едно дрво. Претходно во истиот демант наведуваат дека биле отстранети гранки, грмушки и камења, со цел да се овозможи пристап до имотите (ниви) на лицата. Ние побаравме од Град Скопје да ни достави записник од ЈП „Паркови и зеленило“ и број на КП на наведените ниви, но не ни доставија.

Град Скопје вели патот до ниви водел, затоа се исчистил, порамнил.
Би сакале да потенцираме дека на тој потег, најблиската нива се наоѓа на 600 метри воздушна линија од новопробиениот пат.
Катастарската парцела на која се наоѓа и трасата и патот се во сопственост на РМ и се во границите на парк-шума Водно.

Во парк-шума Водно согласно заштитниот режим забрането е сечење, кршење, откорнување, уништување и собирање на растителниот свет (дрвја и призмена растителност). Забрането е убивање, прогонување и вознемирување на животинските видови, уништување на нивните развојни облици, ларви, јајца, младунчиња, седела, легла и слично. Се забранува обработка на земјиштето надвор од населените места со која би се нанело штета и нарушила целината на заштитената зона. Се забранува раскопување и разнесување на земјиштето на заштитеното подрачје.

Нива надвор од населено место, а во граници на парк-шума Водно не смее да се обработува, што значи пристапен пат до неа е излишен.
За секаква активност во границите на парк-шумата Водно, особено за порамнување на пат, за отстранување на гранки, грмушки, како што самите навеле, потребно е одобрение од самите нив, Град Скопје.
Поседување на уредна согласност издадена од страна на општина Сарај за оваа активност нема значење кога станува збор за парк-шума Водно, каде надлежност има Град Скопје.

Со овој демант градските служби укажуваат на тотално непознавање на сопствените надлежности и правилно управување со парк-шумата Водно, како и неспособност да се справат со самоволие.
Доколку предметниот пат нема врска со гасоводната траса, единствена намена која би можел да ја има е полесен пристап за дрвокрадците.

Треба ли да се разбудиме еден ден и да видиме голи површини на Водно?
За тоа ли се правеа измени на гасоводната траса и се „спасуваа“ 14.000 стебла, за сега некој преку ноќ да ги украде?

Јасно ни е дека Македонија е крајно бирократска држава до степен на баналност, но еднаш мора да се запре со префлање на топката помеѓу градот и општините, извртување на законите, со сивите зони на нерегулирано делување.

За спречување на ваквите самоволија, бараме НАЈИТНО носење на законот за Водно, но како Lex specialis, специјален закон со кој заштитата на Водно нема да зависи од постапката на ревалоризација со која ќе се тргне заштитата од најголемиот дел, туку со специјален закон ќе се заштити перманентно секое дивеење и злоупотреба на Водно. Водно нема време за чекање на евалуации и експертизи, од кои на крај ќе остане незаштитено и целосно раскопано.
На Водно му се потребни дополнителни средства и човечки капацитети.
Потребна е совесна служба, добро екипирана и со соодветна опрема за справување со секакви кризни ситуации и 24 часовна контрола на планината. Јасен список на дозволени и недозволени работи кој стриктно ќе се почитува. И конечно, јасно означени граници. Границите кои ги бараме со години, ќе мора да ги поставите, без одлагање.

Градоначалникот Петре Шилегов вети ваков специјален закон за Водно, а со оглед на самоволието кое продолжува и трае на падините на Водно, бараме негово најитно носење. LEX SPECIALIS ЗА ВОДНО ПОД ИТНО!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top