| четврток, 6 декември 2018 |

Офејгур Сигурдсон, писател од Исланд: Би се убил ако не пишувам!

Пишувањето ми стана навика, задоволство...Ако не пишувам се чувствувам лошо. Не е добро да бидете во моја близина кога не пишувам. Се чувствувам убаво кога пишувам, тоа ме исполнува, вели Сигурдсон

Офејгур Сигурдсон, исландски писател и преведувач е лидер на движењето за реконструкција на поезијата во проза, а во текот на неговиот престој во Скопје разговаравме за литературата, преводите, музиката…

Дипломирал философија на тема поврзана со Жорж Батај. Автор е на седум збирки поезија и на четири романи. Добитник е на Исландската книжарска награда во 2014 година и на Исландската награда за книжевност во 2015 година. Еден од ретките исландски автори чиј роман за три месеци се распродал во пет изданија. Преведуван е низ целиот свет. Моментално живее и работи во Белгија.

Вие сте еден од ретките исландски автори чиј роман се распродава за три месеци во пет изданија. Ве радува или ве плаши тоа?

-Ова е навистина добро прашање, бидејќи последната книга ја објавив во 2014 година. Таа беше голем хит во тоа време, како што рековте пет тиражи се распродадоа за три месеци. Пред два месеци ја објавив мојата нова книга и откако ќе заминам од Македонија одам во Исланд да ја промовирам. Се обидувам да не очекувам ништо, среќен сум што ја објавив книгата и се надевам дека и некој друг-што ќе ја чита книгата ќе биде среќен со неа. Таа има своја судбина и јас не можам да влијаам на тоа. Но, вистина е и дека постои страв, како ќе помине кај читателите, кај критиката…Сега е моментот за реванш (се смее)

Што претставува за Вас пишувањето?

-Мислам дека пишувањето ми стана навика, задоволство…Ако не пишувам се чувствувам лошо. Не е добро да бидете во моја близина кога не пишувам. Се чувствувам убаво кога пишувам, тоа ме исполнува.

Вашиот колега, Антон Баев, вели дека музиката му ја надополнува прозата. Дали вие ја сакате музиката?

-Сакам да слушам класична музика, сакам лирика…Некогаш сакам да бидам во тишина, некогаш таа ми помага да се концентрирам. Музиката по некогаш ми е потребна за да го доловам чувството, за да ја добијам силната емоција која ми треба за она што го пишувам.

Очигледно пишувањето ви е многу важно, но дали би работеле нешто друго?

-Би се самоубил (се смее) . Не сакам ништо друго да работам.

Читателите кога ги читаат вашите дела дознаваат од нив за Исланд, за културата на таа земја, за нејзината историја, но и современост…

-Да тоа е вистина. Привилегија е да ти биде преведено делото на некој странски јазик и јас вистински се радувам. Речиси не можам да поверувам дека тоа ми се случило мене.

Вашиот лик во романот, Јон кога се наоѓа во пештерата се соочува со минатото. Сметате ли дека тоа навраќање назад, или кон себе си или во себе си е важен пат за секој човек?

-Мислам дека тоа е важно. Мислам дека престојот во пештера е еден вид херметички затворен, еден вид изолациј,а со цел да се добие подобра конекција со себе си, со својот живот. Всушност јас бев фасциниран од актот на тоа соочување. Приказната се базира на една историска личност, мошне позната во Исланд, свештеник и јас бев фасциниран од податокот дека тој живеел во пештера. Воопшто немав никакво сознание дека луѓето го правеле тоа. Затоа толку многу се заинтересирав за неговата приказна.

Од каде идејата за ваков роман?

-Всушност идејата ја добив на едно патување. Патував заедно со еден пријател кој е археолог по професија. Тој работеше на својот проект, бевме на југот од земјата и за потребите на неговите истражувања влеговме во таа пештера. Пештера претставува историско, културно и археолошко наследство и порано била многу познат археолошки локалитет, кој бил многу посетуван, но сега е заборавен. Се додека не влегов во неа, не знаев дека постоела. Оттаму дојде идејата за романот, тоа е фантастично место, плус ерупцијата на вулканот која се случува додека Јон е во пештерата…сето тоа едноставно го прави местото драматично. Свештеникот Јон има напишано одлична автобиографија која ја прочитав. Во неа Јон ништо не пишува за зимата, и за пештерата. Само вели: „Јас и мојот брат ја поминавме зимата во пештерата. Имавме убав и мирен живот таму. “ Бидејќи многу е детален во останатите делови од автобиографијата ми стана многу интересно и ме заинтригира, па си помислив дека крие нешто. Мислев дека тој е во пештерата за да изгради нов дом за своето семејство таму. Значи не е само херметички затворен, мислев дека пишува писма до неговата соруга, која живеела на север и била бремена во тоа време. И самиот не сум свесен како дојде до тоа да почнам да ги пишувам писмата….

Значи вие сами ги пишувавте писмата? не постојат писма од Јон?

-Не, не постојат никакви вистински писма од Јон до неговата сопруга.

Дали сте прв пат во Македонија? Неколку дена сте на фестивалот „Букстар“, па какви се вашите впечатоци?

-Да, за прв пат сум во Македонија и во текот на овие неколку дена колку што можев да го видам градот, многу ми се допаѓа. Бев на прошетка покрај реката Вардар, поминав по Камениот мост, ја прошетав Старата чаршија, а многу ми беше интересна и ситуацијата со проблемот со името, идентитетот, новите згради во центарот на градот…Сето тоа заедно ми изгледаше фасцинантно.

Дали пред да соработувате со издавачот „Антолог“ знаевте за Македонија?

-Да, имав слушнато, Македонија учествува на Евровизија (се смее) Одвреме-навреме ќе прочитам во медиумите нешто за Македонија, така што:  да- бев запознаен со земјата.

Имавте ли можност да се запознаете со некои македонски писатели? Можеби сте имале можност да прочитате дело од некој наш автор?

-Не,  всушност навистина се срамам од моето незнаење за македонската литература, но ветувам дека ќе се обидам колку можам повеќе да прочитам македонска проза и поезија.

Можеби би требало издавачите да бидат поагресивни во преводите на македонските автори…

-Да, можеби и тоа, но на исландски не се досега преведени делата на македонски автори. Мислам дека најмногу се преведуваат на англиски, француски, шпански…

Романот „Сага за Јон“ е објавен на македонски. Ја доби наградата за литература на ЕУ. На колку јазици е преведен досега?

-Досега „Сага за Јон“ е преведен на осум или девет јазици. На дански, на португалски, а го објавија речиси сите земји од источна Европа. Многу сум среќен поради тоа.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top