| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва почнува третото издание на фестивалот КРИК во Музеј на современ уметност

Фестивалот за критичка култура, во организација на Контрапункт, почнува вечерва (21 ноември) во Музеј на современа уметност од 19, 00 часот. По отворањето на кое ќе се обратат Искра Гешоска, Елена Вељановска и Артан Садику, уредувачкиот тим на годинашното трето издание на фестивалот, воведно предавање ќе одржи Маурицио Лазарато, социолог, филозоф и независен истражувач од Париз, кој специјализирал во областа на работните односи, економијата и општество. По предавањето ќе се одржи и разговор кој ќе го модерира Артан Садику.

Лазарато живее и работи во Париз, откако на крајот на 70 –тите години на минатиот век,  како дел од движењето на Автономистите, италијанското левичарско движење, заедно со познатиот филозоф Антонио Негри, Лазарато заминал од Италија за да избегне политички прогон. Автонмистите имале големо политичко влијание врз масовните работнички штрајкови коишто покренуваат дури и редица радикални акции во тоа време во Италија. Во 1990 година сите обвиненија против него биле отфрлени, но тој продолжил да живее во Франција.

Тој  има пишувано за кинематографијата, видеото и новите технологии за продукција на слики, член е на уредничката група на списанието “Multitudes”. Интересот на Маурицио лежи во анализата на когнитивниот капитализам како и неговите проблеми и дела, кои историски можеме да ги согледаме во италијанското движење наречено Автономнен марксизам, чиј фокус е на нематеријалноста на трудот и постсоцијалистичкото движење.

Предавањето што ќе го одржи во Скопје е на тема: Помеѓу политиките на задолжување и нео-фашистичкиот бран во светот.

Последните избори во Бразил покажуваат блиска врска помеѓу војната, нејзините артикулации (фашизмот, расизмот, сексизмот) и неолиберализмот. Ова не е ништо ново, бидејќи подемот на неолиберализмот во Чиле започна помеѓу соработката на чилеанската војска и чилеанската група на економски либертаријанци, The Chicago Boys. Ова предавања ќе ги покрене следните прашања: Како дојдовме до оваа ситуација? Кои промени се случија во Чиле во осумдесетите години на минатиот век и како тие влијае на состојбата во денешен Бразил? Кое беше влијанието на Европа и САД во овие процеси?

Фестивалот годинава ќе ја обработува генералната тема: АЛЕРТ! – пред портите на моќта очекувајте исклучување. На програмата на фестивалот, која ќе се одвива во неколку делови до 19 декември, 2018 година, ќе има предавања, уметнички презентации, дискусии, работилници и филмови.

„КРИК 03 – фестивал за критичка култура, ќе ги преиспитува парадигмите на моќта, еманципаторските крстопати на политичкото и на естетското низ патеката која комуницира со сите репресивни облици врз граѓанството“, најавуваат организаторите.

КРИК – фестивал за критичка култура е отворе (Критика – Реакција – Идеја – Конфронтација)  има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст. КРИК застанува во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор.

КРИК е отворена платформа низ која се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството. Во рамки на КРИК се промовираат теориските, социо-културните, економските и уметничките практики како важна алатка со која може да се менуваат општествените наративи.

КРИК – Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, n.b.k. Video-Forum од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија), Проектниот простор Прес ту егзит (Македонија).

Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Фондација отворено општество – Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 – 2020.

Логистички партнери на фестивалот се: НУ Музеј на современа уметност – Скопје, Младински културен центар и порталот окно.мк

Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа од Загреб и kuda.org од Нови Сад.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top