| четврток, 6 декември 2018 |

Во Македонија има многу креативни луѓе кои треба да научат како да го продадат својот дизајн, порача Германката Катрин Фринсфелд

За првпат од годинава, организирана е посета на фабрики за мебел со цел да се поттикне соработка со дизајнерите од други земји и компаниите

Во Македонија има многу креативни луѓе, но треба да најдат начин да работат заедно, да соработуваат во остварување на својата цел. Важно е да се биде креативен и да се создаде нешто, но исто така е важно креативците да го продадат она што го создале, порача Катрин Фринсфелд, атеше за култура во амбасадата на СР Германија во Македонија.

Германија е земја во фокусот на годинашното, осмо по ред издание на Неделата на дизајн во Скопје кое ќе се одржи од 21 до 25 ноември во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ во во галеријата „Лукс“.

Фринсфелд говореше дека Германија има фонд со кој ја стимулира работата на креативните индустрии.

– Креативците не се само во големите градови, како Берлин, Келн и други, туку тие се и во малите места. Има луѓе кои се креативни и затоа треба да се поддржи нивната работа. Во Германија имаме систем за тоа – објасни Фринсфелд.

Објективност е темата на осмото издание на најпопуларната дизајнерска платформа за афирмација на културните и креативни индустрии во регионот ќе се одвиваат шест програмски целини. Со големата изложба на земјата во фокус посебно значење се дава на Германија како велесила во дизајнот, особено во сферата на дизајн на производ. Меѓународната изложба ЕКСПО е составена од домашни производители и млади перспективни дизајнери од целиот регион кои се во потрага по производители, а присутни се и студентски изложби од две Академии за Дизајн.

За првпат од годинава, организирана е посета на фабрики за мебел со цел да се поттикне соработка со дизајнерите од други земји и компаниите.

Германија, годинешната земја во фокус, ќе се претстави со 12 светски познати дизајн студија, отворени презентации на дизајнерите, посета и соработка со производители од Македонија кои сакаат да настапат на германскиот пазар.

– Германија е моторот на Европа во поглед на индустриски развој, производство, извоз и земја број 1 во светот во организирање меѓународни саеми и поврзување на бизниси од целиот свет. Добриот и квалитетен дизајниран мебел може да има успех само ако производителот успее да го пласира на светските пазари, а она што е најтешко за најголемиот дел од македонските производители е долгорочниот пласман на светските пазари – велат организаторите.

Меѓународната изложба ЕКСПО (EXPO) годинава ја сочинуваат 8 компании од Македонија, 15 млади дизајнери од регионот и две Дизајн Академии од Белград со прототипови од маси, столови, штендери, клуб-маси, расвета, фотелји, радијатори, декоративни елементи и сл.

На денешната средба со новинарите Александар Велиновски, директорот на СДВ најави дека планира идната година на СДВ да биде само посетител на настанот.

– Се надевам дека последен пат ќе бидам седнат од оваа страна и дека следната година млади лица ќе ја преземат организацијата, а јас ќе бидам гостин – рече Велиновски.

СДВ има богата музичка програма, како и две мултимедијални детски работилници кои ќе се одржат за време на викенд, на 24 и 25 ноември на тема „Шумски животни“. Децата на возраст од 5 до 7 години ќе создраваат брошеви, бележници за книги, кутии за моливи, инспирирано од мотиви на шумски животни и со користење на рециклирани материјали.

Првпат годинава гастрономските истражувања се во форма на кулинарско шоу кое ќе води популарниот белгиски мастер шеф Марк де Јонг од 23. до 25. ноември тој ќе готви и дизајнира храна заедно со гостите: поетесата Марта Маркоска, актерката и активистка Ирена Ристиќ и модните менаџери од Скопскиот моден викенд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top