| четврток, 6 декември 2018 |

Болницата во Куманово ќе добие нов хируршки ургентен центар

Комплетно нов објект на хируршкиот Ургентен центар во Куманово, наскоро ќе биде пуштен во употреба. Деновиве се привршуваат градежните зафати, а во Општа болница Куманово ќе бидат сместени итната хируршка амбуланта, ортопедска, анестезиолошка амбуланта, компјутерска томографија и ЕХО дијагностика.

Објектот е изграден од темел, со поддршка од Министерството за здравство и Проектната единица за обнова и реконструкција.

Од оваа инвестиција придобивка ќе имаат над 30.000 пациенти кои на годишно ниво гравитираат во Ургентниот центар, со посебен акцент на хирургија, урологија и ортопедија.

– Претходно бевме сместени во подрумски простории, често поплавувани, без природно светло, додека со новиот простор се добива повеќе од 90 отсто поголем простор со новиот хируршки ургентен центар. Хируршкото одделение е секогаш најударно, и едно од најактивните одделенија каде најчесто доаѓаат итни случаи, потенцира д-р Методија Димковски, началник на одделот за хирургија во кумановската болница, кој во оваа болница има 39-годишно работно искуство.

Д-р Димковски посочува дека со новиот простор ќе се обезбеди подобар пристап за пациентите, услугата ќе биде на едно место, и нема да се препраќаат пациентите до рентген дијагностика, а од посебна корист е тоа што пациентите подобро ќе се опсервираат односно ќе им се врши динамична опсервација, нешто што досега го немало.

– За првпат се отвораат и во исто време активно ќе работат 5 хируршки сали. Паралелно на условите за третман на пациенти, се унапредуваат и вештините на докторите односно наши колеги од клиниките од разни специјалности континуирано доаѓаат во нашата болница и на тој начин се реализира континуирана едукација. Општата болница Куманово покрива околу 200.000 жители од овој град и околината, истакна д-р Димковски.

Паралелно со оваа крупна инвестиција, со сопствени средства на болницата во тек се активности за унапредување на квалитетот на здравствените услуги во повеќе оддели, меѓу кои: реновиран простор во клиничка и биохемиска лабораторија, отворен е нов шалтер, на инфективниот оддел во тек е поставување изолација и варосување на собите и болничките ходници, комплетно е обновена салата за состаноци и архивата, реновирани се дел од собите на акушерското одделение, како и просториите за службата за обезбедување, а обновени се и камерите за видео-надзор во болницата.

Во претстојниот период, предвидени се и нови инвестиции во соработка со Проект ХОУП за унапредување на условите на гинеколошкото одделение, со обезбедување нова опрема (CTG апарати, колпоскоп, гинеколошки стол, итн.), а во соработка со Австрија планирана е донација на кревети за педијатрискиот оддел.

Во Општата болница Куманово е отворен и функционира нов центар за згрижување на жртви од сексуално насилство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top