| четврток, 6 декември 2018 |

Мнозинството Грци со негативно мислење за Договорот од Преспа, за Заев и за Коѕијас

Негативно мислење за Договорот од Преспа, за македонскиот премиер Зоран Заев и за поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, имаат мнозинството Грци, според политичкиот барометар за месец ноември на грчката агенција за рејтинг „Public issue“ за темите поврзани со надворешната политика, јави дописничката на МИА од Атина.

– За договорот што беше потпишан меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија, лично Вие, какво мислење имате? Би рекле дека сте сигурно за договорот, веројатно за, ниту за/ниту против, веројатно против, сигурно против (договорот)?, е прашањето што им било поставено на анкетираните.

  • 65% одговориле дека се против (57% сигурно против, 8% веројатно против),
  • 17% се за (9% сигурно за, 8% веројатно за),
  • 13% ниту за/ниту против
  • 5% се без мислење

Од агенцијата прават споредба на овие резултати со резултатите од јули годинава. Разликата е многу мала, тогаш, 21% имале позитивен став за Договорот од Преспа (4% повеќе од сега), а против договорот биле 64% (1% помалку од сега).

Во однос на тоа за кого гласале на минатите избори (септември 2015), од гласачите на СИРИЗА 45% се против, а 31% за Договорот од Преспа, додека пак од испитаниците кои гласале за Нова демократија, 86% се против договорот, а само 6% за.

Пет од 10 Грци имаат негативно мислење за македонскиот премиер

Од анкетираните граѓани било побарано да одговорат на прашањето „за премиерот на поранешната југословенска Република Македонија, Зоран Заев, какво мислење имате?“. Повеќе од половина од испитаниците, 53% одговориле дека имаат негативно мислење, 28% позитивно, а 19% биле без мислење.

Во јули годинава, негативно мислење имале 42%, а позитивно 40%.

Гласачите на СИРИЗА (според последните избори во септември 2015), се со поделен став, 43% имаат негативно, 39% позитивно мислење за македонскиот премиер, додека пак 7 од 10 од гласачите на Нова демократија (67%) имаат негативен, а 2 од 10 (19%) позитивен став  за Зоран Заев.

Подобрена, но сѐ уште негативна популарноста на Никос Коѕијас

Истото прашање како и за македонскиот премиер било поставено и за поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас. И тука, преовладува негативниот став. 6 од 10 Грци имаат негативно, 32% позитивно мислење, а 9% немале став.

Популарноста на Коѕијас, во споредба со јули годинава е зголемена, со оглед на тоа дека тогаш, негативен став имале 5% повеќе испитаници (65%), а позитивен став 2% помалку (30%).

Во однос на тоа за кого гласале анкетираните пред три години, половина од гласачите на СИРИЗА (52%) имаат позитивно, а 40% негативно мислење за Никос Коѕијас.

Кај гласачите на Нова демократија, според резултатите, поранешниот министер за надворешни работи на Грција има негативна популарност (75%), а само 18% имаат позитивно мислење за него.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, истражувањето на јавното мислење на грчката агенција за рејтинг „Public issue“ за темите поврзани со надворешната политика, било спроведено од 6 до 16 ноември, преку телефонски интервјуа низ цела Грција, а биле анкетирани 1000 лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top