| четврток, 6 декември 2018 |

Михал Ајваз, чешки писател: Малите нешта може да предизвикаат големи и неочекувани последици

Ми се случува реакциите на моите книги да бидат неочекувани. На пример, во САД ме класифицираа во научна фантастика, а тоа за мане беше неочекувано. Никогаш не сум помислил за моите дела дека се научна фантастика. Од друга страна, во Полска многу се интересираат за мојата поетска збирка, иако имам напишано само една книга со поезија, која кај нас во Чешка е веќе заборавена, вели Ајваз.

Михал Ајваз (1949) е чешки писател, есеист и преведувач. Претставник е на магичниот реализам. Студирал бохемистика и естетика во Прага. Моментално е истражувач на еден институт во Прага. Покрај фантастиката, се занимава со Дерида, медитативната медитација на Борхес и философските студии за чинот на гледање. Својата прва книга ја објавил во 1989 година. Преведуван е на петнаесетина јазици. Во 2005 година ја добива наградата „Јарослав Сејферт“ за романот „Празни улици“, објавен на македонски во издание на Антолог. На годинашниов „Букстар“ фестивал се промовираа неговите две книги преведени на македонски јазик: „Празни улици“ и „Луксембуршката градина“. Со Михал разговаравме за Жил Верн, неговиот омилен автор, за Кафка, кого го смета за исклучителен писател, за поезијата, која ја обожуваат во Полска, но ја заборавиле во Чешка, наградите, фантазијата во неговите романи…


Годинава сте учесник на фестивалот „Букстар“. Дали за прв пат доаѓате во Македонија?
-Да, за прв пат сум во Македонија. Дојдов вчера и немав многу време да го прошетам градот, но мислам дека ќе ми се допадне.
Денеска ќе бидат промовирани две Ваши книги. Ве радува ли кога се преведуваат Вашите дела?
-Секогаш се радувам кога моите книги се преведуваат на други јазици затоа што ме интересира на кој начин ќе бидат прифатени во другите земји. Некогаш ми се случува реакциите да бидат неочекувани. На пример, во Соединетите американски држави ме класифицираа во научна фантастика, а тоа е нешто неочекувано. Јас никогаш не сум помислил за моите дела дека се научна фантастика. Од друга страна во Полска многу се интересираат за мојата поетска збирка, иако имам напишано само една книга со поезија, која кај нас во Чешка е веќе заборавена.


За романот „Празни улици“ во 2005 година ја добивате највисоката национална награда во Чешка, „Јарослав Сајферт“, а за романот „Луксембуршката градина“-наградата „Магнезија литера“ за книга на годината за 2012 година. Што претставуваат наградите за Вас? Како ги доживувате?  
-Сите награди кои сум ги добивал имаат различен карактер, па така и овие две кои ги споменавте. Наградата „Јарослав Сајферт“ беше востановена уште во времето на комунизмот и се доделуваше за дисидентски автори надвор од Чешката Република. „Магнезија литера“, пак е специфична по тоа што не ја доделува некакво жири, како што најчесто се случува со книжевните награди, туку околу сто луѓе кои гласаат на анкета. Се разбира дека писателот не пишува за да добива награди, но вистина е дека се радувам кога ги добивам.
Наградата „Јарослав Сајферт“ многу ми значеше затоа што ја добив заедно со Јиржи Сухи кого уште како многу мал му се восхитував и наградата беше поделена на двајца автори таа година.
Романот „Празни улици“ станува магична детективска приказна, но и еден вид потрага по животот. Дали сметате дека херојот на крајот навистина открива длабока и голема тајна?
-Не сакам многу такви концепти во романите каде што се на крајот ќе биде решено. И во оваа книга не е важен резултатот, не е важно дали ќе биде успешна потрагата, туку изодувањето на тој пат. Книгата „Празни улици“ е дел од една трилогија,барем јас ја сметам за трилогија, во која романите се посветени на некое патување и кои имаат донекаде карактер на детективски книги. „Празни улици“ е првиот дел од трилогијата, вториот дел е романот „Патување на југ“ во кој се патува со воз до најјужната точка во Европа, а третиот го имам речиси целосно сработено, напишан е и треба наскоро да биде објавен. Во третиот роман пишувам за патување околу светот.


Во Луксембуршка градина, пак еден погрешно напишан збор на тастатурата не води низ интернет- лавиринтите…Повторно некакво патување?
-Тоа роман за тоа како некои мали нешта може да предизвикаат големи и неочекувани последици. Во моите романи е вообичаено тоа што почетокот на романот секогаш раскажува некоја случајност која навидум нема никакво значење . Таков е примерот и со романот „Празни улици“ каде главниот јунак ќе се сопне од предмет со чудна форма, но од тоа почнува целото дејство. Јас така ги пишувам романите. Почнувам од таа случајност која навидум нема значење и потоа продолжувам да пишувам прашувајќи се постојано што би можело потоа да се случи. Исто е и со романот „Луксембуршката градина“, каде почнав да се прашувам што би се случило кога човек погрешно ги напишал збор на тастатурата.
Од каде идеите за вакви романи? Што читавте како мал? Имате ли омилен автор кој можеби извршил влијание на Вас како писател?
-Ги читав романите на Жил Верн кога бев мал. Читав многу авантуристички романи. Верн имаше многу силно влијание врз тоа што сеуште го пишувам. Мислам дека и структурата на моите романи не баш структура на реалистичен роман, можеби повеќе е според структурата авантуристичка книга за деца. Затоа што Жил Верн исто така своите книги ги нарекуваше авантуристички патувања, така и јас ги нарекувам моите романи.
Освен авантуристичките романи на Жил Верн, би го споменал и Франц Кафка, кој според мене е исклучителен автор. За мене е помалку волшебно што тој живеел во Прага- во истиот град во кој живеам и јас.


Дали ве привлекува и некоја друга уметност? Каква музика сакате да слушате?
-Морам да ви признам дека не слушам музика. За писателите велат дека се аудитивен или визуелен тип. Јас сум визуелен тип писател. До 15 години малку се занимавав со сликање и мислев дека ќе станам сликар, но тоа не се случи. Кога пишувам ситуациите кои ги опишувам јас ги гледам, ги визуелизирам и затоа велам дека сум визуелен тип. Доста ме интересира современата ликовна уметност, но не сум многу голем слушател на музика.
Што би им порачале на помладите писатели?
-Би им порачал да не се обидуваат да опишуваат некои идеи, туку да пишуваат за дејството, да ги следат своите мисли. Идеи би требало читателот да си ги создаде врз основа на дејството. Најчесто кога писателот има некоја прекрасна мисла и се обидува во текот на романот само да ја опише таа мисла, тогаш таа книга нема некоја голема вредност. Би им порачал исто така да се грижат за речениците, бидејќи тие се носителите на пораката, на мислите, на дејството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top