| четврток, 6 декември 2018 |

Еленко Миланов: Јас ви гарантирам дека МВР го има бројот на Груевски

Груевски ме исконтактира и ми кажа дека на тој телефон можам да го контактирам. Тоа го пријавив во судот, изјави вечерва еден од адвокатите на Никола Груевски на Топ тема

Адвокатот Еленко Миланов, кој е бранител на Никола Груевски во еден од предметите на СЈО вечерва во гостување на Топ тема на телевизија Телма изјави дека се слуша телефонски со својот клиент откако е во Будимпешта и бара политички азил. Тој тоа го пријавил во судот и вели дека нема ништо тајно и дека МВР знае за се што постои во неговиот телефон, и дека е убеден дека МВР знае за бројот на Никола Груевски.

-Груевски ми се јави на 13 ноември во доцните вечерни часови од број од странство. Судечкиот совет е информиран, не само од мене туку од сите во тимот дека сме исконтактирани. Неговиот повик беше по неговата објава. Потоа имавме уште една комуникација со пораки за овдешнотото судење за можноста да му биде определена мерка притвор пред да му биде одземен имунитетот. Ме нема контактирано во врска со барањето за азил, бидејќи ние и да сакаме, не можеме да му помогнеме во врска со азил за каде било надвор од Република Македонија, ниту го знаеме тамошното законодавство ниту имаме дозвола за работа. Јас му вратив со порака дека е направена повреда и во делот на определување мерка притвор пред му биде одземен имунитетот и тоа не може да го направи судечкиот совет, туку само кривичниот по правосилен обвинителен акт. Јас ви гарантирам дека МВР го има бројот на Груевски. Затоа што тоа што го има како комуникација во мојот телефон го имаат веројатно, не знам од кои причини. Но, да, сигурно го имаат и тоа не од мојот телефон туку од еден куп други информации кои верувам дека нашите служби можат да ги обезбеддат, рече Миланов.

Миланов рече дека ќе контактира со Груевски се додека е негов бранител.

-Ако ме контактира и ако имам потреба да го контактирам за било кое прашање од постапките за кои сум негов бранител, јас тоа ќе го сторам. Се додека не ми се одземе полномоштвото јас него го застапувам.

Во доцните вечерни часови на 13 ноември, истиот ден кога Груевски се огласи на својот фејсбук профил дека е во Будимпешта и дека ќе бара политички азил, контактирал телефонски со Миланов, а потоа следела и комуникација преку СМС пораки, околу правни прашања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top