| четврток, 6 декември 2018 |

Експериментална работилница за дизајн на производи на СДВ

Од 17 до 22. ноември во рамките на Скопската Недела на Дизајн се одржува меѓународна работилница за дизајн на производи, а сите изработени предмети ќе бидат изложени и промовирани за време на годинешниот фестивал.
На експерименталната работилница, македонски дизајнери и архитекти заедно со осум мастер студенти од Факултетот за продукт и моден дизајн при Универзитетот за уметност од Берлин (Univerzität Der Künste Berlin), предводени од светски познатата дизaјнерка и нивни професор, Инеке Ханс, изработуваат нови решенија за домаќинство и угостителство.
Учесниците работат во керамичкото студио Липа лоцирано на Матка, каде своите идеи ќе ги реализираат во керамика и трска, а со нив ќе работат и архитектката и керамичарка Анета Поповска и виртуозот за плетење трска на разбој Петар Благојевски.


Оваа активност е во рамки на програмата Германија – земја во фокус, со која се тежнее на повеќе нивоа да се оствари соработка помеѓу германските и локални образовни институции, да се развие соработка помеѓу германски дизајнери и производни компании од Македонија, да се отворат можности за пласман на македонски дизајн производи на германски саеми и слично. Програмата е поддржана од Амбасадата на СР Германија во Скопје.
Недела на дизајнот во Скопје е дело на Јавна соба – Центар за дизајн и иновација. Програмските активности на фестивалот се одржуваат во Јавнасоба и Лукс секој ден од 21 до 25 ноември од 10:00 до 01:00 часот, а влезот е слободен за сите посетители.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top