| четврток, 6 декември 2018 |

Штедиме на анализи, Македонија не знае колку пациенти се отпорни на антибиотици

Македонското здравство годишно регистрира околу 200-300 соеви бактерии отпорни на антибиотици, но оваа бројка не е официјална. Нема статистика, ниту може точно да се каже кај колку пациенти антибиотиците не делувале поради резистентност, зашто се штеди на проби и материјали, рече денеска универзитетскиот професор Никола Пановски.

Според Фондот за здравство, три до четири проценти од населението во Македонија користи антибиотици секој ден. Притоа, половината се купуваат на своја рака, без рецепт, а преку аптеките се потрошени 1,8 милиони рецепти за антибиотици.

– Можеме да кажеме колку бактерии сме изолирале. Таа бројка е неколку стотици, значи дека се работи за стотици луѓе, но тоа се само оние пациенти кај кои е земен примерок. Кај нас доста се штеди во земање примероци така што има сигурно уште илјадници кои или оздравеле или на здравјето им се искомплицирало без да имаме доказ дека бактеријата била резистентна. Тоа што го изолираме како сигурно патогени бактерии, е меѓу 200 и 300 соеви годишно во крвта на човекот при септични состојби, објасни Пановски, пред настанот по повод Светската недела за рационална употреба на антибиотици.

Во ЕУ, дополни, се изолираат околу 300.000 резистентни соеви, а 33.000 луѓе умираат поради неможност да се излечат од инфекција со отпорни бактерии што е нешто повеќе од оние што умираат во сообраќјни незгоди. И во Македонија има такви случаи, а бројката, посочи професорот, е два до три пати поголема од онаа на починати во сообраќајки.

– Ова не значи дека во ЕУ има повеќе инфекции, туку дека поголем број од инфекциите се откриваат. Кај нас се штеди и затоа овој број што го кажувам е сигурно мал број од вистинскиот, потенцира Пановски, одговорајќи на новинарски прашања.

Професорот објасни дека Македонија спаѓа во регион во кој потрошувачката на антибиотици во последните 30 години била висока. Особено пред 20 – 30 години секое влегување во амбуланта значело добивање антибиотик, и за најобична настинка.

– Воопшто, овој југоисточен регион е статистички со многу резистентни бактерии и многу потешко инфекциите тука се лечат, отколку во западноевропските и скандинавските земји каде антибиотиците биле почитувани и рационално давани, само кога биле потребни, подвлече Пановски.

Фоднот за здравство годишно одвојува околу 4,9 милиони евра за антибиотици.

– Преку аптеките се потрошени 1,8 милиони рецепти за антибиотици. Ова покажува дека имаме солидна бројка на трошење антибиотици, односно дека ја достигнуваме бројката од 20 дневни дефинирани дози потрошени на товар на Фондот. Ако во овие рамки ги вклучиме и комерцијално потрошените лекови, потрошените лекови во болниците и лековите искористени во ветерината, можеме да кажеме дека во Македонија се користи навистина голем број антибиотици. Тоа не е само здравствен ризик, туку претставува и финансиски товар, рече Кристина Христова од Фондот.

Според неа, нема податоци за тоа колку од населението зема антибиотици на своја рака, но претпоставката е дека барем 50 отсто од купените антибитоици отпаѓаат на комерцијалната потрошувачка, на приватно купување од страна на граѓаните во аптеките.

– Тоа е знак дека и покрај сите заложби на регулаторните тела, Министерството и Агенцијата за лекови, има голем простор за подобрување во овој дел, пред се во делот на свесноста на пациентите. Сепак, треба да се забележи и дека е значително подобрена ситуацијата во аптеките зашто многу често се бараат рецепти, додаде Христова.

Како што изјави националниот координатор за антимикробна резистенција Голубинка Бошевска, Македонија води евиденција и ја следи состојбата со отпорноста на антибиотици преку т.н Цезар систем воведен во 2013 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top