| четврток, 6 декември 2018 |

Децата не смеат да спијат во детските седишта

Трагичната загуба ја натерала Лиза Смит да ги предупреди и останатите родители на скриената опасност од детските седишта. Нејзината трагична приказна почнува пред три години, кога на 10 јуни 2015 добива повик кој ќе ѝ го уништи животот.

Нејзината 17-месечна ќерка, додека ја чувала бебиситерка, заспала во детското седиште во кое била оставена дома, и веќе не се разбудила. Истрагата покажала дека причина за смртта на малата Миа била положбата во која било оставено седиштето. Додека спиела, блокиран ѝ бил дишниот пат, па девојчето се загушило.

– Кога детското седиште е монтирано во автомобил, положено е на агол од 45 степени, што овозможува правилно потпирање на главата и вратот на бебето, и спречува блокирање на дишниот пат – појаснува д-р Натали Азар. Меѓутоа, кога детското седиште е поставено на под, или друга несоодветна површина, главата на детето паѓа нанапред и расте ризикот од исход како овој во случајот на малата Миа.

Истражување во кое се разгледувале повредите на деца на возраст од 2 години и помлади, а настанати во детско седиште, покажува дека во 48% од случаите причина за смртта била „позициска асфиксија“ (задушување поради неправилна позиција).

– Повеќето родители добиваат совет да не го будат бебето додека спие (и поради тоа некои родители го пренесуваат дома заедно со детското седиште), но кога се работи за детско седиште, веднаш по излегувањето од автомобилот детето треба да го преместите во кревет – предупредува д-р Азар.
Исто така, бебињата и децата во детските седишта никогаш не смеат да бидат оставени без
надзор.

– Родителите сметаат дека детските седишта се дизајнирани за бебиња, па ги носат во нив и кога не се возат во автомобил. Често гледам седишта во количките во маркетите, на под во црква или во ресторани – вели Смит, и апелира родителите да не го прават тоа.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top