| четврток, 6 декември 2018 |

Меј: Британската Влада го одобори договорот за Брегзит

Британската Влада го одобри текстот на предлог-договорот со ЕУ за условите за Брегзит, соопшти вечерва британската премиерка Тереза Меј.

– Ова е решавачки чекор што ни овозможува да преминеме кон финализација на договорот во наредните денови, изјави Меј по седницата на нејзината Влада.

Таа истакна дека „со својот разум и срце цврсто верува дека ова е одлука што е во најдобар интерес за цела Велика Британија“.

– Ова беше најдоброто што можеше да се договри, нагласи Меј, најавувајќи дека утре ќе им го презентира документот на пратениците во Вестминстер.

Британските медиуми јавија дека владината седница, што траеше цели пет часа, минала во жолчна расправа меѓу министрите околу текстот на предложениот договор.

На министрите документот им беше даден пред седницата, со цел да се запознаат со неговата содржина.

Меј претходно денеска во Парламентот изјави дека предлог-договорот за излез на Велика Британија од ЕУ го доведува Лондон значително поблиску до она за што гласаа Британците кога одлучија да ја напуштат Унијата.

Таа пред пратениците рече дека договорот значи оти Велика Британија повторно ќе преземе контрола над своите закони и граници, додека во исто време ќе ги штити своите работни места, безбедност и интегритет.

Медиуми во Велика Британија и Ирска синоќа јавија дека британските и европските преговарачи постигнале договор во врска со главното спорно прашање – ирската граница.

Како што јави ирската државна телевизија РТЕ, двете страни се согласиле на границата и натаму да нема царина и контролни гранични премини.

Договорот сега треба да го одобри и ЕУ на самит, кој, според австрискиот канцелар Себастијан Курц, чија земја претседава со Унијата, би можел да биде одржан уште следната недела. Потоа Меј треба да добие поддршка за договорот во Парламентот во Лондон, во кој и пратениците кои го поддржуваат Брегзит и оние кои се за ЕУ, се закануваат дека ќе бидат против документот.

Велика Британија треба да ја напушти ЕУ на 29 март следната година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top