| четврток, 6 декември 2018 |

По неколку месечна истрага – паднаа пет македонски дилери

По повеќемесечна истражна постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1- Скопје поднесе обвинителен акт против пет лица, македонски државјани, од кои четворица се товарат дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, додека едно лице е обвинето за помагање при извршување на кривичното дело.

Обвинетите, како што соопшти Јавното обвинителство на РМ, се дел од два одвоени настани што се случиле во текот на 2017 година за кои била побарана меѓународна правна помош од Република Србија и во мај годинава, по спроведената акција за нивно лишување од слобода, била донесена наредба за спроведување истражна постапка.

– Во септември 2017 година прво и второобвинетиот, со цел да се стекнат со парични средства за набавка на наркотична дрога, зеле 25.000 евра од непознато лице од Прилеп, на кое како гаранција му оставиле товарно моторно возило. Двајцата со автомобил обезбеден од третиот обвинет стигнале во Белгија од каде купиле 483,7 грама наркотична дрога – кокаин и 1328,3 грама смеса за мешање – фанацетин и манитол, како и патничко моторно возило марка „Мерцедес“ со белгиски регистарски во кое ја сокриле дрогата. На враќање двете возила биле запрени на излезот од Република Србија. Откако го пуштиле првото возило, српските царински службеници ја нашле дрогата во второто возило. Обвинетиот кој управувал со возилото се дал во бегство кон Република Македонија. По влезот на македонска територија тој му дал инструкции на третиот обвинет да ги врати земените 25.000 евра кај лицето од Прилеп и да го врати товарното возило дадено во залог, појаснува ЈОРМ во соопштението.

Во декември 2017 година, четвртиот обвинет купил 128 килограми и 670 грама наркотична дрога – марихуана и ја чувал на неутврдено место на територијата на Р. Косово. Тој ангажирал возач кој за одреден паричен надомест ќе управува со ТМВ марка „ДАФ“ во кое ќе биде сокриена дрогата и ќе ја пренесе од Косово во Србија. Четвртиот и петтиот обвинет ја скриле наркотичната дрога – марихуана во специјално направен бункер во резервоарот за гориво, по што возачот, управувајќи го камионот, се упатил кон административниот премин Кончуљ на влез во Србија. Останатите обвинети со автомобил марка БМВ го следеле. На полициски пункт кај Владичин Хан, од страна на полициските службеници на Србија, товарното возило било сопрено и притоа е пронајдена и запленета дрогата. За возачот се водела постапка во Р. Србија каде и издржува казна затвор за овој кривично-правен настан.

Надлежниот обвинител до Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави и предлог за продолжување на определената мерка притвор за четворицата обвинети и за продолжување на определената мерка куќен притвор за еден од обвинетите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top