| четврток, 6 декември 2018 |

Победникот на Кански фестивал, премиера на „Малина“ и „Не допирај ме“ и документарецот за Морисеј вечерва на „Синедејс“

Актуелниот победник на Кански фестивал и новиот филм на Асгар Фархади ќе бидат прикажани во кино „Милениум“ во денешната Гала програма на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ кој е во тек во МКЦ и во „Милениум“.

Од 20 часот е „Крадци“, крими драмата на јапонскиот режисер Хироказу Кореда, кој беше награден со Златна палма во Кан оваа година.

„Сите знаат“, новиот филм на угледниот ирански режисер Фархади, е на репертоарот од 22.30 часот. Дејството на филмот се случува во Мадрид и во главни улоги се најголемите шпански актерски ѕвезди Пенелопе Крус и Хавиер Бардем. И „Сите знаат“, исто така, имаше светска премиера во Кан. Лаура и нејзините деца патуваат од Буенос Аирес до нејзиното родно село, на едно лозје во Шпанија, за да присуствуваат на венчавката на нејзината сестра, но низа неочекувани настани го водат овој собир кон криза, која го разоткрива скриеното минато на семејството.

Вечерта во кино Фросина почнува со документарецот за легендарниот англиски музичар Морисеј, „Англија ми припаѓа мене“ (19 часот). Филмот прикажува портрет на Морисеј и неговиот ран живот во 70-те години во Манчестер, пред да стане пејач на познатиот алтернативен рок бенд Смитс. Потоа следува краткиот македонски филм „Малина“ (21 ч.), во времетраење од 14 минути. Режија и сценарио се на Анастасија Лазарова, а играат Сара Климовска, Ивана Павлаковиќ, Стефан Спасов, Бојан Кирковски и Амернис Нокшиќи-Јовановска.

Андреа е сама дома. Дона ја убедува да одат на забавата на која ќе биде Виктор, нејзината симпатија. Во клубот го гледаат Виктор со друга девојка и со брат ѝ на Андреа. Кога Дона ќе побара Андреа да дознае од брат ѝ која е девојката, нивното пријателство доживува пресврт.

Од 21.15 часот е романскиот филм „Не допирај ме“ на Адина Пинтиле. Една режисерка, заедно со нејзините ликови, влегува во личен истражувачки проект за интимноста. На граница помеѓу реалност и фикција, „Не допирај ме“ ги следи емотивните патувања на Лаура, Томас и Кристијан, нудејќи длабоко емпатичен поглед во нивните животи.

Во Џебното кино ќе се емитуваат „Гулабот“ во режија Бану Сивачи од 20 часот и „Љубовта на една русокоса“ на Милош Форман.

Со почеток во 23 часот, настап ќе имаат Холанѓаните „Mаuskovic Dance Band“ кои за првпат гостуваат во Скопје. влезот на концертот е бесплатен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top