| четврток, 6 декември 2018 |

Проекција на два краткометражни филма и разговор со уметницата и писателка Белинда Казим-Камински

Во четврток, на 15-ти ноември со почеток во 20:00 часот, во Кино салата на Музејот на современата уметност во Скопје, ќе се одржи проекција на два краткометражни филма и разговор со Белинда Казим-Камински, уметница, истражувачка и писателка од Виена. Нејзин фокус на интерес се сеќавањето, траумата и црната радикална имагинација. Во моментот таа е докторски кандидат на PhD-in-Practice програмата при Академијата за ликовна уметност, Виена.
Во рамки на ова нејзиното прво претставување пред македонската публика, Белинда Казим-Камински ќе не запознае со нејзината истражувачка работа и уметничка практика преку прикажувањето на нејзините два краткометражни филма „Откопување. Во разговор“ (2017) и „Писмото“ (2018), по што ќе следи разговор со публиката.
Работејќи со фотографии кои Пол Шебеста, австриско-чешки мисионер, писател и етнограф, ги направил во поранешниот белгиски Конго (денешна Демократска Република Конго), Казим-Камински во филмот „Откопување. Во разговор“ (13 мин.) се занимава со насилни истории на архивскиот материјал и траумата на колонизацијата. Ставајќи ги во преден план прогонувачките потенцијали на колонијализмот, уметничката влегува во обеспокојувачки дијалог кој преговара за стратегиите на застапеност, за репродукцијата на специфични начини на гледање и за траумата во создавањето на Другиот, овде и сега. Овој филм беше прикажан на значајни меѓународни фестивали меѓу кои: f.e. the Dokfest Kassel, Diagonale, International Filmfestival Rotterdam, International Filmfestival Vancouver, и European Media Art Festival Osnabrück.
Вториот краткометражен филм на Белинда Казим-Камински „Писмото“ од 2018 година (16 мин.) се движи помеѓу видео, перформанс, звук и текст. Таа ја зема како појдовна точка прогонувачката реминисценција на група Западноафриканци во Виена во 19 век. Следејќи ги оставените траги, се отвора шпекулативна анализа на архивските структури и предметите сместени во нив, која укажува на разбирање на минатото, не како минато, туку како почеток за испитување на временските прилики на дијаспората.
Гостувањето на Белинда Казеем-Камински е дел од годишната програма на Проектниот простор Прес ту егзит со наслов „Недисциплинирани форми на знаење“ во рамките на серијата „Предавања, презентации и изложби“ и Меѓународниот симпозиум „Кураторски размени 7: Курирање урбани заедници“.
Програмите на Проектниот простор Прес ту егзит се организирани во партнерство со Музејот на современата уметност Скопје и Контрапункт, Скопје, а поддржани се од Министерството за култура на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top