| четврток, 6 декември 2018 |

Велешкиот театар со „Заспаниот супер херој“ гостува во Радовиш

В среда, 14 ноември, во Центарот за култура „Ацо Караманов“ во Радовиш, ќе гостува театарот „Јордан Х. К. – Џинот“ од Велес со претставата за деца „Заспаниот супер херој“ по текст и режија на Младен Крстевски.

„Заспаниот супер херој“ е театарска продукција на велешкиот театар наменета за најмладата публика, што театарот ја реализира од сопствени средства. Претставата на атрактивен и интерактивен начин ја следи приказната за Ицо и Гицо, кои со помош на нивниот супер херој и волшебникот ја спасуваат својата другарка Пинипу од рацете на лошиот вештер.

Во претставата настапуваат актерите Фаик Мефаилоски како Гицо, Жарко Спасовски како Ицо, Васил Зафирчев како Вештерот, Ирена Илиевска како Пинипу, Младен Крстевски како Волшебникот и Андреј Серафимовски како супер херојот.

Во рамките на гостувањето во Радовиш предвидени се три изведби на претставата, во 9.30, 10.45 и во 12 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top