Две и пол години по незаборавниот концерт на Psychic TV, што ја одбележа 25-годишнината на радиото, Канал 103 најавува ново уникатно искуство во вид на музичкиот фестивал – 103 ГЕНЕРАЦИИ.
Инспирирани од својата улога на „први во колоната” на патот кон повисока (музичка) свест, искра светлина во мрачните лавиринти на македонската независна реалност, Стотројка реши повторно да ја „измести” од неа публиката со еден супер современ музички настан. И тоа во духот на 27-годишниот процес на создавање автентична контра-стварност, духовна агора во којашто се пронаоѓаат и дејствуваат нови и нови напредни и храбри протагонисти на својот автентичен поглед на светот – 103 генерации. Во слава на музиката, слободниот дух и градот. Против стравот од промени и напредок, доминантната општествена глупост и примитивизам, омраза, национализам и разноразни теории на заговор.
Станува збор за целовечерен настан што ќе се одржи на 24ти ноември во МКЦ на два стејџа со четири исклучително квалитетни бендови и артисти од Велика Британија, Шведска, Албанија и Македонија, сите со актуелни албумски изданија во 2018 година. Фоајето на кино Фросина ќе биде резервирано за традиционалниот настап на диџеите на Стотројка.
THE OSCILLATION се повеќе процес одошто бенд во класична смисла на зборот или можеби најточно, збир од сонични излети на извонредниот музички ум на Demian Castellanos. Оформени се во Лондон во 2006 година и во различни постави до денес имаат издадено 6 албуми, сите со цврста аудио-визуелна доследност и идеолошка дисциплина во музичка смисла. Нивниот звук можеме да го опишеме како модерна space rock психоделија отсвирена без компромиси и без поза, можеби совршена музика за шашавиот танц на Тереза Меј додека ги убедува британците за благодетите на Брегзит. Во Скопје доаѓаат како трио за да го промовираат фуриозниот Wasted Space LP кој излезе овој септември, а кој британската музичка критика го прогласи за нивно најдобро остварување досега.
THE FIELD е псевдонимот под кој настапува Axel Willner, шведски електронски музички мастермајнд кој живее и работи во Берлин. Некогашен фан на Dead Kennedys и Misfits кои го инспирирале да направи панк бенд, за подоцна My Bloody Valentine, Slowdive и Seefeel да му ја откријат магијата на британскиот шугејз звук и можноста за негова електронска трансформација. Тоа и го издвојува The Field како автентичен и повеќедимензионален артист пристапен и за друга условно не-електронска публика и покрај неговиот суптилен минималистички техно звук. Уште од ултра успешното деби From Here We Go Sublime LP од 2007 година што критиката го вброи меѓу најдобрите 100 електронски албуми на таа декада до денес се наоѓа во самиот врв на електронската музичка сцена, а неговите 6 албуми, сите издадени за престижната германска етикета Kompakt се најдобра потврда за ова. Овој септември излезе успешниот и многу фален од критиката Infinite Moment LP, а во Скопје настапува првпат и тоа како дел од неговата европска промотивна турнеја во големите градови. Вистинска гозба за уши за фановите на сериозна авторска електронска музика.
I TPAME I TVRAME се дарк/минимал/колд вејв дуо од Тирана составено од Franc Kurti и Dina Hajrullahu. Постојат само две и пол години, а во јуни веќе го издадоа третиот по ред албум Ikin Vijnë LP со кој им се отворија вратите за успех и надвор од границите на Албанија. Негуваат дистописки мрачен, но современ електронски звук во кој суптилно се испреплетуваат синтовски и гитарски текстури врз кои одлично „вози“ етеричниот вокал на Dina Hajrulahu. Идеална атмосфера за внатрешен танц по ивиците на балканскиот 21 век.
SUSIJAT се четворка од Скопје. Деан Змејкоски, Тодор Караколев, Лазар Дарковски и Никола Дрвошанов се заедно од 2014 година, за наредната да го издадат нивниот првенец Safety in Numbness LP за Шарла. Негуваат комплексен и повеќеслоен звук во кој доминираат влијанијата на американската андерграунд сцена од 80те и раните 90ти години или во слободен стилски опсег од пост хардкор до пост рок. Минатата година имаа сплит-изание со Portron Portron Lopez со кои беа на концертна турнеа низ Франција. Овој ноември им излегува вториот албум ZAD кој е драстичен стилски исчекор од својот претходник, а насловот е инспириран од една француска анархо комуна која се бори за својот опстанок. Нивниот настап воедно ќе биде и албумска промоција. Одлични музичари од старата школа – топла препорака за сите амбициозни инди фанови.
Боите на Стотројка, на вториот (електронски) стејџ, ќе ги бранат диџеите:Виолета Качакова, Илина Ангеловска, Ивана Драгшиќ и Мирко Попов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст