| четврток, 6 декември 2018 |

Димитров повторно фактор во светската политика: Мирот и територијалниот интегритет на Украина предуслов за соработка со Русија

Членството на Македонија во НАТО не подразбира лоши односи со Русија, порача македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров во интервју за германскиот весник „Ди Велт“, додавајќи дека предуслов за соработката се почитувањето на територијалниот интегритет и враќањето на мирот во Украина.

„Да се ​​биде дел од НАТО не мора да значи лош однос со Москва“, изјави Димитров, а на барањето да објасни што сакал да каже со тоа, тој одговори: „На долг рок ние мораме да ги надминеме тензиите меѓу Русија и Западот и повторно да соработуваме со Русија. Секако, предуслов е да се почитува територијалниот интегритет и да има мир во Украина. Ние Европејците имаме потреба од подобар долгорочен однос со Русија. Членството во НАТО не значи да се биде против Русија засекогаш“.

Преспански договор, според шефот на македонската дипломатија, е „најдобриот компромис што можеме да го добиеме, гледајќи какви лути луѓе има и во едната и во другата земја“.

„Политичкото помирување е важно, треба да ја доведеме нашата поларизирана земја во нормална држава. Од друга страна, не смееме да создадеме нови пречки на нашиот пат кон ЕУ. Тоа е историски процес со многу пречки и тоа е последната шанса на мојата генерација да ја придвижи земјата напред“, заклучи Димитров во интервјуто за „Ди Велт“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top