Во тек е снимањето на најновиот игран филм „Врба“ во режија на Милчо Манчевски, а во продукција на „Банана филм“.
Филмот во изминатиот период се снимаше во прилепскиот регион, а деновиве се снима во Скопје.
Од 11.11.2018, 12.11.2018 и 13.11.2018 година во времетраење од 15:00ч до 06:00ч улицата ,,Владимир Полежановски” (зад Трговскиот Центар Буњаковец), ќе биде затворена поради потребите на снимањето на филмот Врба“ и во овие денови и временски термини сообраќајот на оваа улица ќе биде во прекин, соопштија од продукцијата.
Во филмот играат Петар Мирчевски, Ненад Нацев, Наталија Теодосиева, Камка Тоциновски, Ана Костовска, Сара Климоска, Никола Ристески и други.
По девет години, ова е прв филм што Манчевски го работи во Македонија. „Врба“ е филм во кој се испреплетуваат три приказни за љубовта и довербатa, едната од македонското средновековие, a другите современи. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во „Врба” имаат слични грижи, радости и соништа.
„Врба е љубовен филм за денешни и дамнешни души. Не е важно која е темата или пораката на едно уметничко дело, важно е тоа да те допре, расплаче, насмее или налути“, вели режисерот Манчевски.
Снимањето на филмот ќе трае до првата половина од декември и ќе се снима на разни локации низ Македонија меѓу кои се живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец, Преспанскиот Регион и различни локации низ Скопје. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско – унгарско – белгиска копродукција, со учество и на Албанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.