| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски упати честитка до Вебер за кандидатурата за претседател на ЕК

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати честитка до Манфред Вебер, кандидат на ЕНП за претседател на Европската комисија и претседавач на Групата на ЕНП во Европскиот парламент.

„Од името на ВМРО-ДПМНЕ би сакал уште еднаш да ви честитам за изборот за кандидат на ЕНП за претседател на Европската комисија. Со вас како кандидат на ЕНП за претседател на Европската комисија сум уверен дека ЕНП одбрал идеален кандидат за да го движи процесот на Европска интеграција напред во следните години“, стои во честитката.

Мицкоски уште еднаш изразува задоволство што имал можност со Вебер да се сретне во Хелсинки и да дискутираат за прашања кои се од значење на само за политичкото семејство на кое му припаѓаат, туку и за просперитетот и стабилноста на целиот европски континент.

„Со нетрпение очекувам дека ќе работиме заедно во процесот на интеграција на Република Македонија во Европската унија – процес на кој нашата политичка партија има длабока посветеност. 

Посветеноста кон силна, стабилна, безбедна и просперитетна Европа секогаш била споделена во рамките на ЕНП. Заедно ќе се придржуваме кон оваа обврска и повторно ќе докажеме дека темелите врз кои Европската унија е изградена и развиена се навистина највисоко достигнување на современата демократија.
Ви посакувам се најдобро и секако успешна кампања“, пишува Мицкоски во честитката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top