| четврток, 6 декември 2018 |

Инти Шрај, актерка: Чекањето добра улога е како дете кое го чека Божиќ

Убавата и шармантна Шрај годинава, по пауза од скоро четири години повторно доаѓа во Македонија, овој пак на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ кој се одржува по 17. пат од 8 до 18 ноември, во киното „Милениум“ и во МКЦ. Шрај ќе биде дел од жири-комисијата на СинеБалкан

Инти Шрај е словенечка актерка која на македонската јавност најмногу и е позната по Тереза, главниот женски лик во филмот на Столе Попов „До балчак“. Убавата и шармантна Шрај годинава, по пауза од скоро четири години повторно доаѓа во Македонија, овој пак на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ кој се одржува по 17. пат од 8 до 18 ноември, во киното „Милениум“ и во МКЦ. Шрај ќе биде дел од жири-комисијата на СинеБалкан. Актерката по мајка е Французинка, но и покрај тоа таа решила да живее и работи во Љубљана, Словенија. Во нејзината биографија пишува дека завршила две Академии – за глума и за ликовни уметности, во Париз и во Љубљана. Во разговор за „Република“ Шрај се присетува на снимањето на „До балчак“, велејќи дека за неа било голема чест да работи со Столе Попов.
Имате изненадувачки голем број на многу добри актери во Македонија, според населението. Ако морав да изберам еден, би го ставила Тони Михајловски на врвот на мојата листа – смета Шрај.

Словенечката актерка зад себе има улоги во играни и во кратки филмови снимени во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска. Таа неодамна го заврши снимањето на словенечкиот ситком во Белград „Драги соседи“ (Dragi Sosedje), а беше и во Индија каде што ја имаше азиска премиера за хрватскиот филм „Comic Sans“. Иако нејзината кариера повеќе е ориентирана кон филмот и тв-сериите, Шрај планира во иднина повеќе да се фокусира на театарот.

Киното, се разбира, е мојата прва страст. Но, чекањето добра улога е како дете кое го чека Божиќ. Значи, во меѓувреме ќе го истражувам театарот уште повеќе – вели Шрај во интервју за „Република“.

Инти, македонската публика ве препознава како Тереза, главниот женски лик во филмот на режисерот Столе Попов „До балчак’. По пауза од колку години доаѓате во Македонија?
ШРАЈ: Поминаа помалку од четири години. Многу ми е драго што повторно доаѓам. Во Македонија стекнав неколку драги пријатели, и се радувам што повторно ќе ги видам.

Едно од најубавите места на снимање беше во Свети Наум

Какви спомени носите од снимањето на филмот?
ШРАЈ: Филмот „До Балчак“ всушност беше доста интензивен и долг процес. Поминав седум месеци за време на снимањето и неколку месеци пред тоа, а тоа е доста долго време да се направат секакви сеќавања. Снимањето беше голем предизвик и ментално и физички. Нормално е да има моменти на напнатост, бес, па дури и очај. Но, се на се, беше полно со магични моменти опкружени со неверојатни луѓе и многу смеа. Се започна со колективна возбуда околу тоа да се биде дел од овој проект. Имавме часови за јавање, во што навистина уживав, проби со Столе, при што многу често мислев колку сум среќна за оваа можност. Едно од најубавите места на снимање беше во Свети Наум, толку е пријатно и мирно таму што може да се почувствува ефектот на смиреност низ екипата. Кон крајот, сè почна да се распаѓа и стана потешко. Без оглед на контроверзите на крајот, треба да имаме на ум дека многу е ретко да се има толкаво масовно филмско производство на оваа територија. Тоа беше тешка задача, но исходот вредеше за сите напори. Ми беше голема чест да работам со Столе Попов.

Колку ја следите балканската кинематографија? Имате ли омилен режисер од овие простори? А глумец?
ШРАЈ: Дефинитивно би сакал да ја следам повеќе, но за жал дистрибуцијата за балканските филмови е навистина лоша. Јас исто така не преземам филмови од пиратски сајтови. Затоа, се обидувам да гледам колку што можем на фестивалите. Неодамна добив шанса конечно да го гледам филмот „Беса“ на Срѓан Карановиќ, кој ми е неверојатен. Се восхитувам на неговите режисерски одлуки и мудри постапки, брилијантни се. Имате изненадувачки голем број на многу добри актери во Македонија, според населението. Ако морав да изберам еден, би го ставила Тони Михајловски на врвот на мојата листа.

Од она што го нуди „Синедејс“, според програмата, што не смее да се пропушти?
ШРАЈ: Сè уште не сум ги гледала сите филмови, па затоа би било нефер да коментирам. Но, мислам дека е важно да се поддржат локалните филмови. Да се има признание дома е многу повредно отколку да се има во странство. На уметниците им е потребна нивната публика за уметничкиот раст.

По мајка сте Французинка, а сепак одлучивте да студирате во Словенија каде што завршивте две академии, таа за глума и за ликовни уметности. Зошто ја одбравте Словенија за живот?
ШРАЈ: Всушност прво ја завршив Академијата за уметност во Љубљана, а потоа ја завршив актерската школа во Париз. Јас не ја одбрав Словенија, моите родители решија да живеат таму. И откако го доживеав Париз (8 години) уште повеќе ја ценам Љубљана. Словенија е прекрасна земја за живеење, квалитетот на животот е навистина неверојатен. Помалку можности, се разбира, но зошто граничните премини треба да бидат ограничување?!

Што работите во моментов? Снимате некој нов филм или серија?
ШРАЈ: Неодамна завршив со снимањето на словенечкиот ситком во Белград наречен Dragi Sosedje. Само што дојдов од Индија каде што ја имавме нашата азиска премиера за хрватскиот филм Comic Sans. Во иднина планирам повеќе да се фокусирам на театарот. Киното, се разбира, е мојата прва страст. Но, чекањето добра улога е како дете кое го чека Божиќ. Значи, во меѓувреме ќе го истражувам театарот уште повеќе.

Можна ли е нова соработка со некој македонски автор?
ШРАЈ: Посакувам соработка со Македонија. Тоа е земја со многу таленти.

Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top