| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)” од Ерина Богоева

Монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ од Ерина Богоева ќе биде промовирана на 13 ноември 2018 (вторник) во 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Книгата во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, содржи 80-ина фотографии.

Модерната архитектура претставува основна тематска преокупација во новиот циклус фотографии на Богоева. Како и во претходниот, таа продолжува да се инспирира од истакнатите примери на модернистичкото архитектонско наследство на Скопје, што за неа претставува посебен творечки предизвик. Преку своите најнови фотографии на кои се прикажани триесетина градби изградени во втората половина на дваесеттиот век, гледано од архитектонска перспектива, Богоева нè навраќа на најважниот период од историјата на развојот на градот – периодот на интензивната постземјотресна обнова.

Во фокусот на Богоева се 30 објекти од јавен и резиденцијален карактер, меѓу кои: Управата за хидрометеоролошки работи, Телекомуникацискиот центар, Градски ѕид (блоковите и кулите), студентскиот дом „Гоце Делчев“, Домот на Армијата, Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, Католичката црква „Пресвето срце Исусово“ и други.

Проектот е поддржан од Град Скопје, како дел од конкурсот за проекти од областа на културата кои би го застапувале или збогатиле културниот живот на градот. Фотографиите се снимани во временски период од 10 месеци, во различни временски услови.

Промотор на монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ ќе биде архитектот и фотограф Александар Наумчевски. Со овој настан во книжарницата „Литература.мк“ ќе бидат одбележани и 74 години од ослободувањето на Скопје.

Ерина Богоева е родена на 2.7.1988 во Скопје. Има дипломирано на Катедрата по англиски јазик, на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“, при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. Своето образование го продолжува на Универзитетот „Нотингам“ во Обединетото Кралство каде што магистрира на студиската програма за „Филм, телевизија и екранска индустрија“. Напоредно со студирањето таа самостојно се изградува како фотограф при што активно учествува во бројни групни изложби, помали самостојни проекти дома и во странство, учествува во жирирање на конкурси и сл. До 2018 година има остварено четири самостојни изложби: „Животот на улиците на Европа“ како дел од програмата на Денот на Европа и во рамки на серијата „Културни приказни” на ЕУ Инфо Центарот на Делегацијата на ЕУ во Скопје; „Небото над Скопје“, во склоп на манифестацијата „Бела ноќ“, во Скопје; „Четири годишни времиња и малку љубов“ и е нејзина прва продажна изложба во кафулето „Вондерлуст“ (Wanderlust) во Скопје, додека изложбата „Затемнетиот град“ во Музејот на современата уметност во Скопје е поддржана од програмата „Нов културен бран“ на Министерството за култура на РМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top