| четврток, 6 декември 2018 |

Димовски предлага три историски документи да се вметнат во Преамбулата

Три историски документи да се вметнат во преамбулата на Уставот, предложи пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски. Тој побара да се додадат Правилата на македонскиот востанички комитет на Македонското кресненско востание од 1878, Уставот на ТМОРО од 1896 и Уставот од 1991 година. Испирација за овој предлог како што рече било вметнувањето на Охридкиот рамковен договор во нацрт-амандманите.

-Имам дилема дали да стои Охридскиот рамковен договор, но образложението на премиерот го прифаќам дека тој е во Уставот само името дека го нема. Има уште три правни документи кои трбе да се во Преамбулата. Првиот е Правилата на Македонскиот востанички комитет од Македонското кресненско востание од 1878 година. Во него се утврдува концептот на идната македонска држава. Во него разработени се меѓунационалните односи, односите со соседните народи и разработени се и социјални прашања, рече Димовски.

Освен што побара во Преамбулата да влезе воениот устав од Кресненското востание, рече дека во Преамбулата им е место и на документот напишан од Гоце Делчев и Ѓорче Петров, кој бил устав на Тајната македонскоодринска организација и Уставот од 1991 година.

-Македонскиот народ постојано има чувство дека нешто губи. Да не ги гледаме црно-бело работите, рече Димовски.

По него премиерот Зaев рече дека ќе се консултира со правни екпсерти за предлозите, бидејќи според него немало ништо лошо во нив, особено ако тоа би придонело во иднина да се зголеми бројот на пратеници кои ќе размислат за поддршка на амандманите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top