| четврток, 6 декември 2018 |

Филипче: Не поддржувам никакво насилство врз медицинскиот персонал

Не поддржувам никакво насилство врз медицинскиот персонал, изјави Венко Филипче пред Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) каде што денеска било нападнато медицинско лице кое работи на оваа Клиника.

– Во име на Министерството за здравство, но и во мое име како министер, ја разбирам загубата на блиските на пациентот кој починал, но не разбирам и не поддржувам под никаков изговор, физичко, психичко или какво и да било насилство врз медицинскиот персонал, кој деноноќно се грижи за здравјето и животот на пациентите. Насилството е недозволиво и не е начин на кој треба да комуницираат пациентите и лекарите – изјави Филипче.

МВР работи на расчистување на случајот.

Филипче ја посетил медицинска сестра која завршила на Психијатрија откако била претепана и вербално нападната од семејство на починато момче на КАРИЛ.

Медицинска сестра била нападната ова утро во 09.30, додека пациентот починал во текот на ноќните часови.

Медицинската сестра прво била нападната од мајката на младиот пациент, а потоа и од другите членови на семејството кои и удирале клоци. Сестрата била одговорна да се грижи за пацинетот во изминатите денови.

По нападот, таа веднаш била упатена во Ургентниот центар каде и била дадена прва помош. Сестрата имала повреди на раката и била вознемирана, поради што била испратена на психијатрија, објави НОВА ТВ.

Директорката на КАРИЛ, д-р Маја Мојсова, видно возбудена од нападот на вработената, рече:

– Често се случува нашите вработени, кои се грижат за најтешко болните, да бидат на удар на пациентите. Не смееме правдата да ја земеме во свои раце. Најостро го осудуваме овој акт и апел од сите вработени на Клиниката е граѓаните да нѐ остават да си ја вршиме нашата работа и да се воведе заштита пред влезот на клиниката. Никој не може да работи во услови кога има вакви закани – изјави д-р Мојсова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top