| четврток, 6 декември 2018 |

„Синдејс“ вечерва почнува со „Среќниот принц“

До 18 ноември на „Синедејс“ ќе бидат прикажани повеќе од сто филма во неколку фестивалски програми. Над 20 наслови се во атрактивната гала-програма со најновите остварувања на Ларс вон Трир, Годар, Сорентино, Павликовски, Спајк Ли… Меѓу нив е и „Фаворитката“ (The Favourite) на Јоргос Лантимос, премиерно прикажан на Венецисакиот филмски фестивал. Тој е специјално на „Синедејс“ пред воопшто да биде пуштен во кинодистрибуција закажана за 2019 година

Под слоганот „Збогати се преку ноќ“, вечерва, во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе почне 17. издание на Меѓународниот фестивал за европски филм „Синедејс“.

Мотото „Збогати се преку ноќ“ е избрано со идеја младите да се насочат кон духовните вредности и да се потенцира дека богатството не е во материјалното, туку богатство е и изгледан добар филм кој „Синедејс“ го овозможува по цени од 150 и од 100 денари.

Неформално отворање на фестивалот ќе се случи во МКЦ, а од 22 часот ќе се прикажува филмот „Среќниот принц“ во режија на Руперт Еверет во киното „Милениум“. „Среќниот принц“ по сценарио и режија на Руперт Еверет, е филм за ексцентричниот Оскар Вајлд, остроумен, духовит и скандалозен миленик на лондонската елита во 19 век.

До 18 ноември на „Синедејс“ ќе бидат прикажани повеќе од сто филма во неколку фестивалски програми. Над 20 наслови се во атрактивната гала-програма со најновите остварувања на Ларс вон Трир, Годар, Сорентино, Павликовски, Спајк Ли… Меѓу нив е и „Фаворитката“ (The Favourite) на Јоргос Лантимос, премиерно прикажан на Венецисакиот филмски фестивал. Тој е специјално на „Синедејс“ пред воопшто да биде пуштен во кинодистрибуција закажана за 2019 година.

Во двете натпреварувачки програми – Официјалната и Програмата на балкански филм (СинеБалкан) ќе има вкупно 14 филмови избрани од селекторот Бернд Будер, а за наградите ќе одлучуваат две меѓународни жирија. Во Официјалната селекција се осум филма: белгискиот „Сама на мојата свадба“; германскиот „Полицајци“; копродукциските „Товар“; „Кога дрвјата паѓаат“; „Не допирај ме“ (победник на Берлинале 2018); „Виа Карпатија“; „Ти ја имаш ноќта“ и шпанскиот „Ана преку ден“.

Во натпреварувачката „СинеБалкан“ се шест остварувања: турскиот „„Арада“; српскиот „Бандити во потрага по мама“; босанско-мексиканскиот „Хаотичниот живот на Нада Кадиќ“; црногорскиот „Мрзливец“; косовско-албанскиот „Брак“ и „Граници, дождови“ – копродукција меѓу БиХ, Црна Гора, Србија, Велика Британија и Шведска.

Во програмата Кратки филмови ќе има девет од млади македонски режисери чии филмови се прикажуваат на фестивали. За разлика од лани кога тие беа во една вечер, овојпат ќе се прикажуваат секоја фестиваска вечер пред проекциите на долгометражните.

Во Студентската програма, која е натпреварувачка, ќе има 35 филмови од 12 академии од регионот, а првпат годинава и од престижната ФАМУ од Прага. На „Синедејс“ ќе има и ретроспектива на рани филмови од Милош Форман (во соработка со Чешката амбасада) и богата музичка програма со девет музички документарци, кои бесплатно ќе се прикажуваат во „Фросина“ и Џебното кино во МКЦ, како и 11 концерти на домашни и странски изведувачи.

Меѓу настаните во придружната програма е дводневниот настан СинеИндустри на 16 и 17 ноември, посветен на дистрибуцијата на филмовите, односно како тие да излезат надвор од границите.

Затворањето на „Синедејс“ ќе биде со македонскиот филм „Еј“ во режија на Васил Христов, исто така во киното „Милениум“. А од „Синедејс“ велат дека го очекувале да излезе премиерно повеќе од десетина години.

Билети може да се набават онлајн на bileti.mkc.mk, како и на билетарниците на Младинскиот културен центар и кино „Милениум“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top