| четврток, 6 декември 2018 |

Почна судењето против Ел Чапо,човекот кој го водеше најголемиот наркокартел во светот (Видео)

Големото судење во Бруклин, кое ќе чини милиони долари и ќе трае повеќе од четири месеци, ќе го изведе пред лицето на правдата еден од најозлогласените криминалци во светот.

Обвинителите со години го подготвуваа судењето против Гузман, кој беше екстрадиран во 2017 година, откако двапати избега од затвор во Мексико, првиот пат скриен во количка за валкана облека, а потоа преку тунел ископан до неговиот затворски туш.

Гузман се смета за најголемиот светски наркобос по Колумбиецот Пабло Ескобар, „кралот на кокаинот“, кој беше еден од најбогатите луѓе во светот додека не беше убиен во 1993 година.

Експертите посочуваат дека американската влада има речиси несоборливи докази и дека Гузман (61) најверојатно ќе заврши во најстрого чуваниот затвор во САД до крајот на животот. Но по која цена?

„Дали тоа ќе спречи барем еден пакет од половина килограм кокаин да влезе во САД? Веројатно не. Машината ќе продолжи да работи“, изјави Роб Хероу, адвокат од Северна Каролина, кој бранел голем број мексикански наркобосови.

Картелот Синалоа, кој Гузман го основа во 1989 година, и понатаму е моќен. Заедно со Гузман е обвинет и Исмаил „Ел Мајо“ Замбада, кој и понатаму е на слобода, а насилното шверцување дрога во Мексико продолжува непречено.

Минатата година во Мексико се случија рекордни 29.000 убиства. Во САД зависноста од дрога е вистинска епидемија. Во 2016 година од предозирање секој ден умираа во просек по 174 Американци.

Изборот на членовите на поротата се врши со силни безбедносни мерки, кои се користат само за најопасните обвинети. Американскиот судија Брајан Коган ќе претседава со судењето, кое ќе биде затворено за јавноста.

Поротниците, 12-мина, со шест заменици, ќе бидат анонимни. Во судот секој ден ќе доаѓаат и ќе се враќаат дома во придружба на шериф.

Тие обични граѓани и граѓанки ќе одлучат дали Гузман, татко на две деца, чиј прекар значи „Краткиот“, бидејќи е висок само 164 сантиметри, е виновен по 11 точки од обвинението за шверцување дрога, незаконско поседување и употреба на огнено оружје и перење пари.

Според обвинението, картелот Синалоа, кој Гузман според обвинението го водел од 1989 до 2014, станал „најголемата организација за шверцување дрога во светот… со илјадници членови.“

Американските обвинители велат дека од 1989 до 2014 картелот во САД прошверцувал најмалку 154.626 килограми кокаин, хероин, метамфетамин и марихуана, во вредност од 14 милијарди долари.

Гузман рече дека не се чувствува виновен, но владата собрала толку многу докази, повеќе од 300.000 страници и најмалку 117.000 аудиоснимки, што адвокатите на одбраната се жалат дека немале доволно време да ги проучат.

Ел Чапо првпат беше уапсен во Гватемала во 1993 година и помина повеќе од седум години во мексикански затвор, а првпат се обиде да избега во 2001 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top