| четврток, 6 декември 2018 |

За десетина дена ќе се види како ќе тера УБК

Управата за безбедност и контрараузнавање и Агенцијата за разузнавање да останат како што се досега, првата во рамки на МВР, втората како посебен орган, УБК да се извади надвор од МВР и да функционира како посебна владина агенција или спојување на УБК и Агенцијата за разузнавање во еден орган кој ќе функционира надвор од МВР.

Ова се трите модели за реформирање на безбедносно-разузнавачкиот систем, што Владата ги спроведува согласно препораките на Рајнхард Прибе, а за кои денеска дебатираа учесниците на научно-стручната фела во рамки на расправата на тема „Реформи на Управата за безбедност и контраразузнавање, која се одржа денеска во организација на Факултетот за безбедност-Скопје.

Целта е да се создаде служба, која ќе биде ефикасна, департизирана, деполитизирана, во функција на заштита на државата, нејзините национални интереси и на нејзините граѓани.

Согласно акцискиот план МВР до 15 ноември треба да и предложи на Владата еден од трите модели и потоа изборот ќе подлежи на анализа преку акциски план на легислативата и на сите други подзаконски акти.

-Од оваа реформа очекувам прво да понуди добар модел за создавање ефикасен систем за заштита на националната безбедност. Второ да овозможи фунционирање на службите согласно меѓународните стандарди и правила, штитејќи ги и гарантирајќи ги државните интереси. Трето да овозможи службите да дејствуваат, ослободени од политички влијанија, но ослободени и од каква било поврзаност со криминалните структури и групи, што е особено важно, рече министерт за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Истакна дека најважано во целиот овој процес е реформа на свеста.

– УБК треба најмногу да доживее реформа на умот, заради тоа што сметам дека начинот на кој досега се дејствуваше во оваа Управа, начинот на кој беа бирани кадрите, политичките влијанија, криминалните структури. Новите кадри кои влегуваат да не прираснат на стариот начин на раководење, размислување во службата и тоа ќе биде сериозен предизвик. Да создадеме механизми за добри професионални кадри, кои ќе можат да оддолеат на предизвиците на времето во кое се развива македонското општество, нагласи Спасовски.

Директорот на УБК Горан Николовски истакна дека според неговите размислувања како човек кој има големо искуство во оваа сфера процесот на реформи во државата во оваа област треба да се спроведе во пет чекори.

Првиот е веќе завршен со формирањето на ОТА и промените во системот на следење на комуникациите.

-Вториот чекор е дискусијата за модел на УБК, кој е најдобриот модел кој треба да биде усвоен за да имаме демократски професионални и деполитизари институции во делот на безбедноста и разузнавањето. Третиот се однесува на координацијата. Најголем проблем во државата е координацијата на разузнавачко-безбедносниот систем. Немаме формална коодинација. Тоа што сега го правиме  е договор меѓу институтциите. Треба да формираме формално тело за координација, кое ќе ги координира и раководи службите, кои се дел од разузнавачко безбедностата заедница, нагласи тој.

Четвртиот чекор е дефинирање на улогата на претседателот на целиот тој систем, а петтиот е носење на закон за  безбедносната заедница, што ќе треба конкретно да ги дефинира мандатите и полето дејствување на секој ентитет поединечно.

Директорот на Агенцијата за разузнавање Зоран Иванов истакна дека реформата е постојан процес, „бидејќи комплесноста на безбедносното опкружување не ни дозволува да имаме една фиксна работа и да кажеме тука завршивме“.

-Ова е процес  треба да го надоградуваме.  Потребно е да направивме еден флексибилен систем во кој секој од чинителите јасно и недвосмилено ќе ги извршуваат своите овластувања и ќе се намали просторот за злоупотреба на овластувањата или неисполнување на своите законски овластувања, додаде тој.

За проблемите во нормативниот дел говореше професорот Маријан Николовски. Истакна дека сите овие агенции, тела не се обединетите со еден закон, а УБК нема сопствен закон, работи согласно законот за внатрешни работи.

-Во многу сегменти тоа ни се појавува како хендикеп, под иста капа се и УБК и класичниот криминалитет. Не е возможно да се обезбедат валидни материјални докази, кога станува збор за дела против државата каде казнена политика е над десет години да ги ставаме во ист ранг со расветлување кривични дела од класичниот крималитет, нагласи тој.

Како проблем ја посочи и контролата на кадарот, каде сега се вработуваат луѓе без конкурс. Како пример ја даде БИА, каде во континуитет има отворен конкурс.

Професорот Томе Батковски во однос на УБК предлага формирање на безбедносна национална агенција, надвор од МВР, која ќе нема полициски овластувања. Таа ќе биде хоризонтално поврзана со специјализиран оддел во МВР, кој ќе ги извршува полициските работи и ќе мора да има тесна врска со државното јавно обвинителство. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top