| четврток, 6 декември 2018 |

Од вторник Недела на современ дански филм во Кинотека на Македонија

Од вторник, 6 ноември до недела, 11 ноември, во Кинотека на Македонија ќе се одржи Недела на современиот дански филм.

Недела на современ дански филм, 6 ноември (20 часот): „Часот на рисот“, 7 ноември (20 часот) „Долга кратка приказна“, 8 ноември (20 часот) „Природно растројство“, 9 ноември (20 часот), „Посвета на љубовта“, 10 ноември (20 часот) „Розита“, 11 ноември (20 часот) „Ќерката на вештерката“.

Современата данска кинематографија, во овој избор претставена со овие шест долгометражни филмови (пет играни и еден документарен), продуцирани во последниве пет години, некако сè уште го носи товарот на славата на револуционерното движење Догма 95 (Dogme 95, дански збор за догма). Затоа, можеби, цели 23 години од објавувањето на манифестот на ова авангардно филмско движење (Dogme 95 Manifesto), секогаш кога пред гледачите ќе излезе нов наслов на некои од тогашните протагонисти, критичарите и филмофилите бараат релации со нивните претходни филмови, повторно и повторно прегледувајќи ги десетте заповеди запишани во Заветот на чистотата (Vows of Chastity; Kyskhedsløfter на дански јазик). И, останале ли „догматиците“ верни на нивната догма? Секако дека не! Догма 95 не само што не е проглас со железни правила на снимање, туку е провокација, како прст в око, за филмските автори и публиката да размислат што е филмската уметност, како (треба да) се прават филмови, што е суштината на филмот?

Овој циклус обединува приказни од психијатриска болница, „обичните“ младешки љубовни врски и љубовта во зрелото доба, прашањето за мигрантите, но и костимирана драма од средновековниот фантастичен свет и документарна драма за модерните етички прашања за правото на живот на секој човек.

„Која е формулата за успешен филм, посебно во европските кинематографии, чии успеси не секогаш се мерат со гледаноста и заработувачката на кино-благајните? Има една изрека во српскиот јазик, која гласи „Просто као пасуљ“ („Просто како грав“). Со неа се изразува некоја ептен лесна активност, иако зад добрата чинија вкусен чорбест грав – а уште повеќе зад тавче гравчето – стојат барем два часа готвење според таен рецепт, кој е различен од регион до регион, од село до село, од тетратката на една до тетратката на друга домаќинка, од еден до друг војнички казан… Секако, тајните се состојат и во изборот на некоја мирудија, без која нема абер од вистинскиот вкус.

Кога сме кај тоа „просто као пасуљ“, има една анегдота како се прави грав на српски начин. Се става гравот да се вари во лонец со вода, па се истура првата вода кога ќе зоврие; повторно се става да се вари, се истура втората вода; се вари по трет пат, и кога ќе зоврие, се истураат и водата и гравот, па на тава со врело масло се фрлаат неколку кременадли! Така е некако и со правилата на разни филмски школи и правци – ако се држите доследно до правилата, тешко дека ќе направите дело со посебна естетика.

Што би се рекло, просто токму како грав, а?“, пишува Стојан Синадинов од Кинотека на Македонија.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top