| четврток, 6 декември 2018 |

Ако имате 64 години и еден ден стаж, од државата ќе добивате 100 евра месечно

Нема зголемување на старосната граница за пензионирање, ниту замрзнување на пензиите, но реформа на пензискиот систем има. Со неа ќе се решава растечкиот дефицит во Фондот на ПИОМ и ќе се воведе државна социјална пензија, најави викендов министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

– Имаме минимална корекција на придонесот од 0,5 проценти, втората мерка е дека воведуваме јасен критериум за влез во вториот столб од пензискиот систем, а тоа е денот и годината на раѓање. Сите оние што се родени до 1.1.1967 година ќе може да се вратат и да добиваат пензија само од првиот столб. Со тоа даваме можност граѓаните да имаат поповолни пензии. Исто така, ќе може сите оние кои користат бенефициран стаж да се вратат и да користат пензија само од прв столб. Во моментов во таква ситуација се вработените во МВР и во МО, што ги става во поповолна положба.

Но, најранливите се во двостолбен систем и имаат нереално ниски пензии. Ние го правиме системот праведен за сите оние кои имаат бенефициран стаж, вклучително и рударите, да се вратат во прв столб и да си добијат поповолни пензии, појасни Царовска.

Таа информира дека процентот на пресметка на пензии во двостолбниот систем за мажи се зголемува од сегашните 0,75 на 1 процент, а за жени од 0,86 на 1,14 проценти.

– Ако по денешниот систем оние што се во двостолбен систем се пензионираат ќе добијат максимални 30 проценти од платата. Со новиот систем кој го воведуваме ќе добијат 40 проценти од максималната плата, што значи поповолни пензии и стабилна исплата на пензии за идните пензионери, истакна таа.

Инаку, дефицитот во ПИОМ во последните 10 години е зголемен за 150 проценти и изнесува повеќе од 19 милијарди денари. Со примена на предложените мерки за една година се очекува дефицитот да биде намален на 16,9 милијарди денари.

Социјална пензија ќе им следува на граѓаните кои имаат 65 години возраст, 15 години живеалиште во Република Македонија и еден ден стаж. Се проценува дека ваква пензија би можеле да користат околу 6.000 лица. Висината на оваа пензија ќе биде 40 проценти од просечната исплатена пензија во Република Македонија или околу 5.800 денари.

Од опозициската ВМРО-ДПММЕ реагираа дека овие предложени измени се козметички и нема да ја подобрат состојбата.

– Се оди со повторно зголемување на стапката на придонесот од 0,4 отсто осигурување што од друга страна ќе значи зголемување на трошоците дополнително за работна сила. И некои козметички промени за кои нема значително да ја подобрат состојбата во пензискиот систем и останува некоја идна влада да бара решенија кои ќе бидат трајни, рече Трајко Славески, член на раководството на партијата и поранешен министер за финансии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top