| четврток, 6 декември 2018 |

Јавноста изненадена – Јакупи избран за судија во Вишиот управен суд

Јавноста e изненадена по изборот на поранешниот член на Државната изборна комисија, Субхи Јакупи, за судија во Вишиот управен суд. Откако Амбасадорот на САД, Џес Бејли објави афера поврзана со бонусите во ДИК, Јакупи заедно со неколкумина други членови поднесоа оставки.

Првиот човек на Судскиот совет, Жарко Караџовски вели дека тие што биле избрани се вистинските за вршење на функцијата судија. Забелешките дека во Судскиот совет се бираат судии блиски на партии ги оцени како оговарања и шпекулации за кои вели дека ги имало и ќе ги има.

– Очигледно е дека за мнозинството членови на Судскиот совет беше најдобриот кандидат. Немаше единство при гласањето, но го доби потребниот број на гласови и тука нема што да кажам. Ги имамвме во предвид сите тие забелешки, меѓутоа изборот беше таков каков што заврши. Ставот на Судскиот совет е дека тие што се избрани се вистинскиот избор, а за сите сомневања кои се јавуваат во јавноста не можам да одговорам, рече Жарко Караџовски, претседател на Судски совет.

Министерката за правда, Рената Дескоска рече дека слушнала одредени реакции за изборот на одредени судии низ судовите во држава, но оти нема информации кои луѓе биле пријавени, а кои отпаднале при изборот.

– Слушнав кој е избран. Така што јас ниту еднаш по изборот на мојата функција не сум била на седница на Судскиот совет, а ќе видите дека и во наредните измени кои ќе ги правиме во Законот за судски совет ќе ставиме законска одредба во која ќе се забрани повикување и присуство на Министерот за правда на седници на кои се распрва за избор, разрешување и одгововорност на судиите, рече министерката Дескоска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top