| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов под истрага на Јавното обвинителство

Скопското јавно обвинителство отвори предмет за претседателот Ѓорге Иванов. Од обвинителството потврдуваат дека се постапува по две анонимни кривични пријави во врска со непотпишување на Законот за јазици и Договорот од Преспа.

Предметот е во предистражна постапка и во моментов се преземаат дејствија за проверка на наводите од пријавата. Според член 75 од Уставот, претседателот е должен да го потпише указот доколку законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со таа цел веќе се побарани податоци и информации од Собранието на Македонија и од Кабинетот на претседателот за тоа кога се донесени одлуките во законодавниот дом, односно дали и од кои причини не се потпишани од страна на претседателот.

Иванов не го потпиша Законот за ратификација на договорот од Преспа, иако тој беше во два наврати изгласан во парламентот, наспроти претседателското право на „суспензивно“, а не на „апсолутно“ вето. Претходно, тој исто постапи и за Законот за употреба на јазиците. Поради тоа, овие две регулативи не се објавени сѐ уште во „Службен весник“ и не можат да стапат во сила.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top