| четврток, 6 декември 2018 |

Силување на 18-годишна Германка од страна на Сиријци го крена Фрајбург на нозе

За денеска во германскиот универзитетски град Фрајбург се закажани демонстрации откако пред две недели група мажи, претежно Сиријци, силувале 18-годишна студентка.

Анти-имигрантската партија Алтернатива за Германија (АФД) ги повика граѓаните да излезат на улиците попладнево за да се побунат против овој чин, додека нивните неистомисленици повикаа на протест против обидите ова злосторство да се искористи со цел во општеството да се поттикнат анти-имигрантски чувства.

Се верува дека група мажи ја силувале 18-годишната девојка ноќта меѓу 13 и 14 октомври, кога таа се враќала кон дома од еден ноќен клуб во центарот на градот.

Под истрага се седуммина Сиријци на возраст од 19-29 години и еден 25-годишник од германска националност, но полицијата верува дека повеќе луѓе се вклучени во ова злосторство.

Студентката била во ноќен клуб со својата пријателка каде што прифатила пијалак од непознат човек.

Околу полноќ го напуштила клубот со човекот, но во полиција рекла дека тој во пијалакот и подметнал нешто што ја направило неспособна да реагира.

Девојката раскажала дека еден од осомничените мажи потоа ја силувал во грмушките покрај патот, по што истото го направиле и останатите присутни мажи.

Властите велат дека повеќето од осомничените мажи, кои живеат во градските простории за бегалци, од претходно и се познати на полицијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top