| четврток, 6 декември 2018 |

Родителите на Сара: Ви благодариме од срце, на пола пат сме од целта

Родителите на младата Сара Настеска, за која изминативе недели интензивно се собираа средства за нејзино лекување, се заблагодаруваат за сета помош која граѓаните ја дадоа за нивната ќерка и информираат дека собрани се околу половина од парите потребни за нејзино лекување. Во прилог ви го пренесуваме нивното писмо во целост:

– Изминативе месеци, нам, како на семејство, ни се случи она од што се плаши секој човек, посебно секој родител. Болеста дојде тивко и не остави без зборови, но со верба и надеж во системот, уште повеќе во луѓето, во нивната хуманост и добрина, во Бога и во себе. Денес, вербата е и во граѓаните на Охрид, Република Македонија, но и целиот свет, кои се со нас и кои јасно покажаа колку големо срце имаат и дека се тука кога е најпотребно.

– Нема зборови со кои би ја искажале нашата благодарност до СИТЕ, без оглед на тоа што, колку, како и од кого е донирано. За нас Секоја Донација е доказ дека сме првенствено луѓе и дека знаеме да си подадеме рака во најтешките моменти. Од најмалата хуманитарка која служеше чај за да и се помогне на Сара, Охридските Херои кои продаваа своја облека и ситници, девојчето својата омилена играчка, образовните институции со чии активности се гордееме, приватните и државните институции, медиумите, спортисти, музичари, уметници, верски заедници, роднини и пријатели, нашето пошироко семејство, познати и непознати кај нас и во странство, најмалите и најголемите компани, сите хумани луѓе до оние кои ненамерно ги испуштивме, а сепак заслужуваат да се спомнат – ВИ БЛАГОДАРИМЕ ОД СРЦЕ НА СИТЕ.

– Здравјето и доброто на Сара се наш врвен приоритет. Во оваа прилика сакаме уште еднаш да испратиме благодарност до државните здравствени институции, но ние сепак се одлучивме за лекување во Германија, пред се` поради успехот кој е постигнат во лекување на многу деца. Токму тоа е причината поради која веруваме во нив. Се направија многу акции, се собраа средства и чувствуваме потреба да Ве информираме дека изодивме повеќе од половина пат до целта. Ако продолжиме со ова темпо, за 15-тина дена се надеваме дека ќе ја собереме потребната сума, која на Сара ќе и овозможи лекување со најголеми шанси за успех на третманите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top