| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши Истражувачкиот филмски фестивал во Скопје

Со темата „Безбедноста на новинарите во Европа – Кој го штити новинарството“ одржана во саботата во Кино Култура, заврши второто издание на  Истражувачкиот филмски фестивал Скопје. Само во една година се случија повеќе убиства на новинари во Европа, со сомнежи дека мотивите на убиствата може да се бараат токму во нивната работа. Безбедноста на новинарите станува сѐ поголема грижа во многу земји, велат од фестивалот во образложението на дебатата.

На темата дискутираа Карло Бонини, новинар на „Ла Република“, Мет Сарнецки од Проектот за организиран криминал и корупција и Кристина Озимец, претседател на Платформата за истражувачко новинарство и анализи и координатор на ИФФС.

Гостин на фестивалот беше Ивор Фука, основачот на хрватскиот портал „Лупига“, кој сподели со публиката како независните медиуми можат да постигнат успех со кампања за crowd-funding, односно со поддршка на читателите.

На фестивалот беше прикажан филмот „Рајски документи: Вистинската приказна позади тајната деветмесечна истрага“ на Ерик Вајнриб  кој говори за една од најголемите глобални измами „Рајските документи“. Филмот овозможи  увид во тајната истрага од првиот ден на протекувањето.

Гостинот од Google News Lab, Даниел Жонса одржи одржи работилница за новите онлајн-базирани алатки и како да се искористат во новинарството.

„Истражувачкото новинарство во Германија: Предизвици и моментална состојба“ беше темата на која дискутираа  врвни новинари од Германија, земјата која ги има едни од најдобрите истражувачки медиуми во светот:  Анете Довидајт, Оливер Шрем, Фолкер Штајнхоф.

Со филмот „Убивањето на Павел“ беше  затворено второто издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје.  Филмот е посветен на Павел Шеремет, наградуваниот белоруски новинар кој живееше во Украина, на 20 јули 2016 година беше убиен од автомобил-бомба во Киев.

Истражувачкиот филмски фестивал Скопје го организира Платформата за истражувачко новинарство – ПИНА, во соработка со ФЕС – Скопје.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top