| четврток, 6 декември 2018 |

Наполи извлече реми дома со Рома, Милан во ефикасен меч стигна до трите бода против Сампдорија

Во последниот неделен наптревар од десеттото коло на италијанското фудбалско првенство, Наполи и Рома на „Сан Паоло“ ги поделија бодовите откако, гостите беа во водство повеќе од 75 минути. Римјаните поведоа преку Ел Шарави во 15. минута, а остатокот од натпреварот мина во постојани напади на домашните кои успеаја да израмнат дури во 90 минута преку Дрис Мертенс.

Второпласираниот Наполи сега има 22 бодови, шест помалку од лидерот Јувентус, но три повеќе од третиот Интер кој во понеделник гостува кај Лацио. Рома е во групата од пет екипи со по 15 бодови од петтото до деветтото место на табелата. Во понеделник вечер ќе се одигра дерби дуелот меѓу Лацио и Интер, по што ќе се знае распоредот на челните позиции во Серија А по десетте одиграни кола.

Претходно денеска фудбалерите на Милан во дуелот на својот „Сан Сиро“ ја победија Сампдорија со 3-2, по неколкуте резултатски пресврти.

„Росонерите“ поведоа со голот на Кутроне во 17 минута, но Сапонара во 22 и Кваљареала во 31 минута направија пресврт во полза на гостите, а до крајот на првото полувреме Игуаин успеа да израмни во 36 минута. Во второто полувреме Милан дојде до трите бода со прецизниот удар на Сусо во 62 минута.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top