| четврток, 6 декември 2018 |

ОЈО истражува за пукањето во Батинци

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица поради постоење основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – убиство (во обид) од чл.123 ст. 1 во врска со чл.19 и чл.22 од Кривичниот законик.

– Лицата се осомничени дека на 22.10.2018 година во село Батинци со умисла се обиделе да лишат од живот едно лице. Имено, додека оштетениот се движел по улицата со блиндирано патничко моторно возило „БМВ 750“ со германски регистарски таблици и поминувал во близина на гробиштата, двајцата осомничени пукале кон него со автоматски пушки – калашникови. Оштетениот застанал со возилото, а кога осомничените му се доближиле со оружјето во рацете, тој го ставил возилото во движење и избегал, се појаснува во денешното соопштение од ОЈО Скопје.

Едното осомничено лице е лишено од слобода и оштетениот извршил негово препознавање, додека другиот осомничен, се посочува, не е достапен на органите на прогонот и за него Министерството за внатрешни работи распиша централен распис.

Со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат на опасност дека осомничените ќе се дадат во бегство, ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците и вештаците и ќе се обидат да го повторат, односно да го довршат обиденото кривично дело, се подвлекува во соопштението, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и Предлог за определување мерка притвор за двете лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top