| четврток, 6 декември 2018 |

Ќиро Блажевиќ може да го глумат само двајца: Ален Делон и Тарик Филповиќ!

Со овации и два биса синоќа во Македонскиот народен театар (МНТ) беше награден босанскиот актер Тарик Филиповиќ кој гостуваше на големата сцена со монодрамата „Ќиро“, посветена на фудбалската тренерска ѕвезда Мирослав Ќиро Блажевиќ.

Филиповиќ во монодрамата не го имитира Ќиро, туку успева да креира лик кој е аполитичен, итар Босанец, еден вид народен човек кој сака да ужива во животот и во друштвото на жените. Автор на сценариото е Филиповиќ, кој го напиша со помош на Антонио Габелиќ. Босанскиот актер кој живее и работи во Хрватска е режисер на монодрамата. Дејствието се одвива на една клупа на која тој седи, стои покрај неа и наводно сам се интервјуира. Но, во монодрамата клупата е пензионерска, не тренерска, и тој раскажува за почетоците, за неговите фудбалски успеси но и падови и се она што му го донел животот. Па така, публиката дознава како тој го добил својот прв стан, како успеал да им се продаде на Швајцарците, како играл тенис со поранешниот претседател на Хрватска Фрањо Туѓман, како му помогнал на Роберт Просинечки да стане фудбалер од светска класа, како заминал да работи на Косово…

– Ќиро може да го глумат само двајца, Ален Делон и Тарик Филиповиќ! Но, бидејќи Делон би глумел на француски, тоа значи дека помал број луѓе би го виделе филмот – вели Ќиро во монодрамата.

Филиповиќ и Блажевиќ се по потекло родени во Босна и Херцеговина. Актерот е пасиниран љубител на фудбалот и со познанството со Блажевиќ датира одамна. Но, популарниот Ќиро одбивал да дојде на премиерата на монодрамата. По убедување на сопругата дошол во театарот „Керемпух“, ја видел монодрамата и потоа му рекол на Филиповиќ: Фала ти сине што ме направи бесмртен!

„Ако некогаш се случи да умрам, ако евентуално се случи тоа, нека наречат една улица по мене. Таму нека има многу клупи на кои младите ќе се „фаќаат“ а пензионерите ќе играат шах“, беа дел од одјавните зборови на главниот јунак.

Филиповиќ со „Ќиро“ претходно гостуваше во Битола на Фестивалот на монодрамата каде што доби награда од публиката. На турнејата во Македонија Филиповиќ на 26 октомври гостува во Струмица, а следниот ден е во Штип на 27 октомври во Домот на културата. Турнејата е во организација на продукцијата „КМ“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top