| четврток, 6 декември 2018 |

Ревија на нов мексикански филм во Кинотека на Македонија

Од 26 до 31 октомври во Кинотека на Македонија ќе се одржи ревија на нов мексикански филм. Сите филмови се со македонски и англиски превод.

Билетите за проекциите се бесплатни и може да се резервираат од 16- 19 часот на билетарницата на Кинотеката на Македонија на 02 3065968.

Резервираните билети ќе може да се подигнат 15 минути пред почетокот на проекцијата.

„Сè ќе си дојде на своето“ е реченицата која, веројатно, е често употребувана во мексиканската кинематографија во втората половина на минатиот век. И, глеј, со почетокот на новиот милениум работите навистина си дојдоа на своето место: мексиканската кинематографија повторно стана една од најпочитуваните во светското филмско семејство. Или, во најлош случај, еден од најбогатите и најквалитетните расадници на филмски автори кои последнава деценија и пол циклично загосподарија на церемониите на доделувањето на Оскарите во Холивуд, Златните палми во Кан, Златните лавови во Венеција…

Историјата на мексиканската кинематографија го бележи нејзиниот почеток со ентузијастичко снимање документарни филмови кон крајот на 19-от век, а хроничарите потоа потенцираат три „златни ери“. Првата „златна ера“ е периодот од 20-те до 50-те години на минатиот век, кога мексиканската кинематографија е меѓу најпродуктивните и најквалитетните во светот, со редица автори и актери кои стекнале голема популарност кај публиката. Марија Феликс, Долорес дел Рио и Педро Инфанте ( María Felíx, Dolores del Río, Pedro Infante) се меѓу најзвучните имиња од тој период.

Втората „златна ера“ датира од самиот почеток на новиот милениум, со таканаречените „Тројца амигоси“ („Three Amigos “) – Алехандро Гонзалес Ињариту, Алфонсо Куарон и Гиљермо дел Торо (Alejandro G. Iñárritu, Alfonso Cuarón, Guillermo del Toro). Минатата година Гиљермо дел Торо го освои Златниот лав во Венеција за ОБЛИКОТ НА ВОДАТА (The Shape Of Water), а Алфонсо Куарон ја освои Златната палма на годинешниот Кански фестивал со РОМА (Roma).

Алфонсо Куарон е првиот мексикански режисер (и првиот Латиноамериканец воопшто) кој добил Оскар за режија во 2014 г. за филмот ГРАВИТАЦИЈА (Gravity). Алехандро Г. Ињариту, пак, не само што во неговата филмографија ги има ремек-делата ЉУБОВТА Е КУЧКА (Amores Perros) и ВАВИЛОН (Babel), туку во 2015 и 2016 година последователно го освои Оскарот за најдобар филм со ЧОВЕКОТ-ПТИЦА (Birdman) и ПОВРАТНИКОТ (The Revenant).

Сепак, сериозните проследувачи на мексиканската кинематографија не ги забораваат и Карлос Рејгадас, Себастијан Хофман, Хулио Чавезмонтез, Херардо Гатика, Алберто Муфелман (Carlos Reygadas, Sebastian Hofmann, Julio Chavezmontes, Gerardo Gatica, Alberto Muffelmann)… Но, тука е и актерската ѕвезда Гаел Гарсија Бернал како режисер (МУЗЕЈ/Museo/Museum, 2018 г.).

Третата „златна ера“, всушност, е новата генерација автори чии кариери и тематски преокупации се преплетуваат со оние на пославните „Тројца амигоси“. Авторите, пак, на шесте наслови од НЕДЕЛА НА МЕКСИКАНСКИ ФИЛМОВИ ја продолжуваат мисијата на мексиканската кинематографија во 21-от век.

Ако мелодрамата е заштитниот знак на првата „златна ера“, а жестоката социјална драма, најчесто ситуирана во криминалното подземје, во втората „златна ера“ на мексиканската кинематографија, тогаш адутите на новите амигоси варираат во жанровските определби и тематски инспирации. Не им е страна ниту комедијата ниту, пак, лесните стории кои се занимаваат со обичниот човек како централен јунак во филмот. Тој и таков јунак обично е ставен во некаква необична ситуација која ги раѓа поголемите или помали атавизми на егзистенцијализмот: делумна ментална попреченост (ПОЛОВИНАТА НА СВЕТОТ/La mitad del mundo/ Middle of the World), геронтофобија (СТУДЕНТОТ/El estudiante/The student), преиспитување на личните ставови (ВО ПАПОКОТ НА НЕБОТО/En el ombligo del cielo/ In the navel of heaven), економската емиграција (ЗЕМЈАТА НА ТИШИНАТА/En la Estancia/ The Land of Silence), ксенофобијата (ДОБАР ДЕН, РАМОН/Guten tag, Ramón)…

Од друга страна, пак, единствениот документарец во овој избор, СИФРАЖЕТКИТЕ (Las sufragistas) е толку потребното камче во мозаикот за општествено-политичкиот моментум на латиноамериканската жена во 20-от и 21-от век. СИФРАЖЕТКИТЕ не се занимава само со плачливата варијација на темата за женските права, туку и за димензијата на одговорноста на жената од позиција на политичка моќ.

„Тројцата амигоси“ веќе одамна не се осамени во походот на мексиканската кинематографија низ светот. Еве прилика да запознаеме некои од нивните наследници…
Стојан Синадинов

НЕДЕЛА НА МЕКСИКАНСКИ ФИЛМОВИ
26 ОКТОМВРИ (ПЕТОК) 20.00 ч.
СТУДЕНТОТ
(El estudiante/The student)
Игран филм, Мексико
2009 г., 95 мин., колор, ДСП
Режија: Роберто Гираулт (Roberto Girault)
Сценарио: Роберто Гираулт, Оливиа Нуњез, Гастон Павлович (Roberto Girault, Olivia Núñez, Gastón Pavlovich )
Улоги: Хорхе Лават, Норма Лазарено, Хосе Карлос Руиз (Jorge Lavat, Norma Lazareno, José Carlos Ruiz)

Приказната се одвива во убавиот град Гуанахуато и ни говори за еден 70-годишен маж, наречен Чано, кој по пензионирањето, и покрај возраста, ќе одлучи да се запише на Универзитет за да ја изучува литературата. Чано се обидува да го скрши генерацискиот јаз меѓу него и останатите колеги-студенти преку неговата пасија за ликот и делото на Дон Кихот од романот на Мигуел де Сервантес, веројатно најпознатата парадигма за залудната „борба против ветерници“ која трае од 17-от век до ден-денес. Иако Чано се судира со различните традиции, сите ги споделуваат своите соништа и искуства.

НЕДЕЛА НА МЕКСИКАНСКИ ФИЛМОВИ
27 ОКТОМВРИ (САБОТА) 20.00 ч.
ПОЛОВИНАТА НА СВЕТОТ
(La mitad del mundo/ Middle of the World)
Игран филм, Мексико
2009 г., 92 мин., колор, ДСП
Режија: Хаиме Руиз Ибањес (Jaime Ruiz Ibáñez)
Сценарио: Хаиме Руиз Ибањес (Jaime Ruiz Ibáñez)
Улоги: Луиса Хуертас, Хансел Рамирез, Сузана Салазар (Luisa Huertas, Hansel Ramírez, Susana Salazar)

Главен јунак во оваа драмска комедија е Минго, 25-годишен човек со делумна ментална попреченост. Тоа не е пречка за Минго да биде имагинативен и харизматичен поет. Неговото сексуално будење му носи популарност како голем љубовник во малиот град во кој живее, но и проблеми.

Сепак, токму случувањата околу Минго ги откриваат лажните вредности во локалната средина и морални предрасуди на неговите сограѓани.

НЕДЕЛА НА МЕКСИКАНСКИ ФИЛМОВИ
28 ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА) 20.00 ч.
СИФРАЖЕТКИТЕ
(Las sufragistas)
Документарен филм, Мексико
2012 г., 90 мин. колор. ДСП
Режија: Ана Круз Наваро (Ana Cruz Navarro)
Учествуваат: Мишел Бачеле, Габриела Кано, Еуфросина Круз (Michelle Bachelet, Gabriela Cano, Eufrosina Cruz)

Приказна за Еуфросина Круз Мендоза, жена од заедницата Запотек (Zapotec) – автохтони Индијанци од пред доаѓањето на Кристифор Колумбо – во регионот Санта Марија Квиголани (Santa Maria Quiegolani), држава Оаксака, Мексико (Oaxaca, Mexico). Ана Круз Наваро во СИФРАЖЕТКИ (првите активистки за правата на жените) го прикажува политичкиот ангажман на Еуфросина Круз, која победила на изборите во општина Оаксака, како и долготрајната борба на мексиканската жена за политичка моќ, почнувајќи од револуционерниот период.

НЕДЕЛА НА МЕКСИКАНСКИ ФИЛМОВИ
29 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 20.00 ч.
ЗЕМЈАТА НА ТИШИНАТА
(En la Estancia/ The Land of Silence)
Игран филм, Мексико
2014 г., 106 мин. колор, ДСП
Режија: Карлос Армела (Carlos Armella)
Сценарио: Карлос Армела (Carlos Armella)
Улоги: Хилберто Бараза, Валдо Фако, Наталија Гато (Gilberto Barraza, Waldo Facco, Natalia Gatto)

Во напуштеното село Ла Естанција, заробено во времето и просторот, се воспоставува блиска врска помеѓу последните жители и документаристот кој дошол да сними филм за нивните животи. Повеќето од жителите го напуштиле гратчето во потрага по подобар живот и заминале во САД, бидејќи во нивното родно место ветувањата се направени од прашина.

НЕДЕЛА НА МЕКСИКАНСКИ ФИЛМОВИ
30 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК) 20.00 ч.
ВО ПАПОКОТ НА НЕБОТО
(En el ombligo del cielo/ In the navel of heaven)
Игран филм, Мексико
2012 г., 106 мин., колор, ДСП
Режија: Карлос Гомез Оливер, Карлос Гомез (Carlos Gómez Oliver, Carlos Gómez)
Сценарио: Карлос Гомез Оливер, Карлос Гомез (Carlos Gómez Oliver, Carlos Gómez)
Улоги: Магали Бојсел, Ное Хернандез, Монсерат де Леон (Magali Boysselle, Noé Hernández, Montserrat de León)

Арогантната млада адвокатка Андреа (Магали Бојсел) останува на работа доцна во петочната вечер за да заврши голема задача. Сакајќи да излезе на свеж воздух, се качува на покривот од зградата каде се наоѓа нејзината канцеларија. Но, останува заробена цел викенд во друштво со Гвалберто (Ное Хернандез), служител во хотелот.

НЕДЕЛА НА МЕКСИКАНСКИ ФИЛМОВИ
31 ОКТОМВРИ (СРЕДА) 20.00 ч.
ДОБАР ДЕН, РАМОН
(Guten tag, Ramón)
Игран филм, Мексико
2013 г., 120 мин., колор, ДСП
Режија: Хорхе Рамирез Суарез (Jorge Ramírez Suárez)
Сценарио: Хорхе Рамирез Суарез (Jorge Ramírez Suárez)
Улоги: Кристијан Ферер, Ингеборг Шенер, Адриана Бараза (Kristyan Ferrer, Ingeborg Schöner, Adriana Barraza)

Рамон (Кристијан Ферер) е младо момче од мало мексиканско гратче кое се обидува да ја премине границата со САД по петти пат, но не успева. Неговиот пријател му раскажува за неговата тетка што живее во Германија и дека таму има подобар живот. Рамон решава да оди во Германија за да најде тетката на пријателот.

 

ul. Boris Bojadziski br. 20
1000 Skopje
Macedonia
e-mail: bojan.stanisik@gmail.com
tel: + 389 078 238 464

2 Attachments

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top