| четврток, 6 декември 2018 |

Саудискиот принц: За пет години Блискиот Исток ќе биде новата Европа

Престолонаследникот на Саудиска Арабија Мохамед бин Салман рече дека неговата земја ќе биде „сосема поинаква” за пет години, ветувајќи дека ќе продолжи да спроведува реформи за да ја диверзифицира економијата на оваа монархија богата со нафта.

„Верувам дека Блискиот Исток е нова Европа“, рече принцот Мохамед на меѓународната Иницијатива за идни инвестиции во Ријад.

„Во следните пет години, Саудиска Арабија ќе биде сосема поинаква. Бахраин ќе биде поинаков, како и Кувајт. Дури и Катар, со кого не се согласуваме, има стабилна економија и ќе биде сосема поинаков за пет години“, рече тој.

Престолонаследникот изработи план за економски и социјални реформи под името Вижн 2030, кој предвидува футуристички мега проекти, сака да ги диверзифицира ресурсите на монархијата и повеќе да ги насочи кон услуги и нови технологии, далеку од нафтата.

„Ако успееме во следните пет години, другите земји (во регионот) ќе ни се придружат“, рече тој, пренесе Дејли меил. „Тоа е битка на Саудијците, тоа е моја битка во која лично учествувам“.

Престолонаследникот одржа говор на вториот ден од конференцијата која странските лидери ја бојкотираа поради меѓународната осуда што ја предизвика убиството на саудискиот новинар и лидер на опозицијата Џамал Кашоги во конзулатот на неговата земја во Истанбул.

Тој додаде дека неговата земја веќе направила „големи чекори“ во развојот на економијата. „Бројките сами зборуваат. Нашите приходи од нафта речиси тројно се зголемени“.

Монархијата е вклучена во скапа војна во Јемен и му воведе ембарго на соседен Катар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top