| четврток, 6 декември 2018 |

„Сфера“ – изложба на д-р Биљана Петановска – Илиевска во МКЦ

На 25.10.2018 (четврток), со почеток во 20 часот, во Галеријата на МКЦ ќе се отвори изложбата „Сфера“ на д-р Биљана Петановска-Илиевска.

„Сфера“ е прво самостојно претставување на авторот и е инспирирана од долгогодишното духовно работење, себе спознавање и длабоките размисли за постоењето, внатрешните простори-универзуми, целта на живеењето, начинот на меѓусебната поврзаност…
Д-р Биљана Петановска-Илиевска е редовен професор по предметот хемија при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.

Родена е на 25.10.1957 год. во Охрид. Основно и средно образование завршила во Скопје, а потоа се запишала на Природно математичкиот факултет (ПМФ) на насоката за применета хемија. Магистрирала и докторирала на ПМФ, Институт по хемија на насоката Аналитичка хемија.

Во периодот од 2001 до 2002 година има посетувано часови за сликање со пастел кај академскиот сликар Јосип Каракаш. Во истиот период учествувала во групна изложба на слики во пастелна техника во Дом на градежници (Дом на култура –Кочо Рацин) во Скопје.

На несвесно ниво сите поаѓаме од своето лично искуство, размислување и доживување и притоа сме силно убедени дека сме во право заради аргументите со коишто во дадениот момент располагаме. Притоа заради лажните претстави создаваме сопствени илузии и состојби во кои се убедуваме себе и другите дека се вистинити, заборавајки на пошироката слика и повисокото добро кое ги опфаќа различните пристапи, гледања и идеи. Станувајќи свесни за нашата меѓусебна поврзаност како индивидуи во една заедничка сфера, која има свој белег, своја енергија, информации и заеднички искуства, се зголемува нашата свест за взаемните влијанија и одговорности. Ослободувањето од ригидниот начин на размислување во кој ЈАС сум секогаш во право води кон отварањето на нови димензии коишто суперпонираат и се преплетуваат во сферата како безбројни можности и перспективи. Со самото тоа до сферата се оди преку надминување на идентитетите поврзани за ЕГОТО во празнот простор од кој се раѓа креативната енергија и бесконечните можности на креацијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top