| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски со порака до граѓаните: Потребна е акција и потребно е окрупнување – да се обединиме!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва од МНТ испрати порака до сите граѓани. Тој на Денот на македонската борба посочи:
Ве молам не ја обвинувајте ВМРО-ДПМНЕ, не ја валкајте ВМРО. Одговорноста има име и презиме и таа е лоцирана во поединци кои скршнаа од патот, за жал по цена која ја плативме ние граѓаните. Но, ВМРО-ДПМНЕ не е виновна. ВМРО-ДПМНЕ е најверниот сојузник на народот. Ние без народот не можеме. Ние од ВМРО-ДПМНЕ заедно со вас граѓаните сме си потребни еден на друг. Нема кој друг, ако не ние заедно. Дајте ни поддршка. Да се обединиме сите заедно.
Потребна е акција и потребно е окрупнување. Да ги збиеме силите. Заеднички. Принципиелно. Силно.

Мицкоски упати и до секој, како што рече, граѓанин кој е потиштен од оваа ненародна власт, а такви се многу, до секој еден работник, пазарџија, лекар, пензионер, луѓето од маало, по парковите, градежниците, полјоделците, студентите, вработените и невработените, малиот бизнис, семејните бизниси, големото стопанство, сите ние – ДА СЕ ОБЕДИНИМЕ.

-Ова зло мора да биде поразено и ќе биде поразено. Прашање на време е. Сакам да упатам порака до интелектулната заедница, до професорите, до уметниците. Ви подавам рака. На секој еден од вас. Мора да се бориме заедно, бидејќи ако тоа не го направиме заедно, заедно и ќе потонеме. Не седите со скрстени раце, сега е времето!
Не дозволувајте пред очи да исчезнува нешто што нашите татковци и мајки, и дедовци и баби, со крв, пот и солзи го граделе и создавале. Ви подавам рака, активирајте се. За модалитетите ќе разговараме, но битно е заеднички да застанеме на браникот! Македонија Ве повикува. Ќе го победиме, ќе ги поразиме, доаѓа подобро време и веќе почнува да мириса на победа. Победата е на дофат. Чекориме кон неа.Чекориме заедно со стотици илјади македонски души и срца, кои знаеле да ја одберат правата страна. Кои веќе ја обраа правата страна, страната на Македонија.
Ние сме генерација која знае и која може, која ја љуби Македонија повеќе од се на овој свет, и која ќе победи – јас ви гарантирам. Ајде да застанеме под бајракот на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ќе биде најголемиот, најсилниот, најстабилниот сојузник на македонскиот народ. Како што било,така и ќе биде. Ние со нашата преродба и реформа завршивме. Спремни сме. Фокусирани сме, концентирани сме, се повеќе стауваме силни, и силно сме мотивирани и енергизирани, имаме и храброст, а и лудост, а најмногу мудрост за да ги оствариме своите цели – рече Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top