| четврток, 6 декември 2018 |

Гордост е да се родиш, живееш и да умреш за Македонија

Пред точно 125 години се роди организацијата, се роди чуварот на Македонија, во едни исклучителни околности, на тежок живот, на секојдневни грабежи, палежи, мачења, убиства врз Македонецот и сите народи кои живееле на овие простори, време на поробена Македонија веќе 5 века претходно, но и со многу повеќе сили кон Македонија имале и свои аспирации, свои интереси, со свои задачи и цели спротивни на интересите на луѓето кои живееле на овие простори, од прадедо до дедо, од татко на син – посочи во својот говор Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на вечерашното обраќање по повод прославата на Денот на македонската борба.

Тој додаде:

Ова парче земја било посакувано од многу туѓи сили, но највеќе било сакано од својот народ, кој се жртвувал, спротивставувал, кревал востанија, буни, спроведувал акции, но и бил жестоко поразуван, угнетуван, но одново и одново се кревал од пепелта, и повторно истиот круг, на страдања и борба, се додека не се постигне целта – Слободна Македонија. И под едни такви тешки услови, каде цената за сопственото мислење и борбата за самооределување неретко се плаќала и со сопствената глава, и во такви невозможни околности на репресија и страдања, сепак ова парче земја раѓало херои, синови и ќерки кои го земале бајракот, се простувале од семејствата и тргале во борба. Оваа слобода денес не е подарена, таа е скапо платена од нашите предци кон кои ние имаме обврска и завет, оваа земја е натопена со крв, страдања и човечки судбини кон кои ние се поклонуваме.

Понатаму Мицкоски потсети на изјава на Гоце Делчев:
Еден од апостолите на македонската борба Гоце Делчев ќе рече „Дали може да има друго место за еден Македонец освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа отколку во Македонија?Треба да се просвети и организира народот, да му се влее вера во неговите сили – да разбере како може да се оттргне од ропството и мизеријата – да му се отворат очите“.

И кога ќе ги погледнете оние стари црно-бели фотографии кои сведочат за историските времиња ќе видите изнамачени луѓе, но со храброст, смели сонувачи за идејата за своја земја, за своја слобода која природно ни припаѓа, ќе здогледате решителност која сигурно во тоа време кај некои нивни современици била оценета како лудост и нешто што е невозможно. Но, се е возможно, времето потврдило дека е така. Или како што е кажано, за да се пишуваме Македонци гинеле, и да пишувам македонија, гинеле мажишта. За името Македонец низ вековите се страдало, за Македонија брат на брата кревал рака, другар со другар се делел, и чедо од мајка се двоело. Во добрини и искушенија, во радост и жал гордост е да се родиш, живееш и да умреш за Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top