| четврток, 6 декември 2018 |

ЈО прави карма каша со доказите за 27 април?

Повеќе различни извори брифираат за хаосот при изведувањето на доказите за 27 април на кои се случувале правни дејствија од кои се срамат и судиите.

Дилемата кај сите инволвирани е дали јавното обвинителство намерно со погрешни процесни постапки сака да го урне своето обвинение откако премиерот најави амнестија за обвинетите или пак се работи за неспособност и обид да се манипулираат и јавноста и обвинетите во недостаток на правни аргументи.

Во информацијата ви ги пренесуваме дел од изјавите на повеќе инволвирани а кои се однесуваат на вчерашното судење, разбирливо без да се именуваат изворите.

На правните небулози вчера реагирале повеќето адвокати на обвинетите за случувањата на 27 април. За нив е несфатлив начинот на кој биле презентирани видео снимки како докази во постапката во која 33 луѓе се обвинети за тероризам.

Обвинителите од Обвинителството за организиран криминал, Вилма Рускоска и Ивана Трајчева, не ги презентирале целите снимки од доказниот материјал туку давале инструкции на техничките служби да скокаат делови од видео-материјалите, со што не се гледале цели снимки во еден ваков важен предмет, туку фактички обвинителството настапило како „уредник“ на доказниот материјал и ги истакнувало само оние делови кои сметало дека ќе му се од корист за да има осудителна пресуда.

Според упатените Јавното Обвинителството по ЗАКОН е ОБВРЗАНО да ги презентира и доказите кои би биле од корист на обвинетите.

Во овој контекст треба да се потсетиме на случајот во кој по 8 месеци во притвор, на едно од последните рочишта, еден обвинет за нападот врз Зијадин Села беше ослободен бидејќи по 8 месеци обвинителството пронашло снимка на која се гледа дека човекот нема никакво дејство и вина во случувањата.

,,Не само што прескокнуваа делови, туку и на одредени места обвинителството отворено коментираше дека во некои видео снимки „фали по некоја секвенца“ од видео материјалите, која на крај може да се покаже и како клучна”, вели упатен во процесот.

“Дополнително тие „прескокнуваа“ да ги коментираат и видливите докази кои се контра обвинението односно при презентирање на снимки за да докажат нешто што им е важно, не ги нагласуваа за да влезат во записникот од судењето (врз основ на кој судечкиот совет на крај носи одлука) оние моменти фатени на видео камери кои не се во полза на драконското обвинение за тероризам”, забележува друг очевидец.

“Се презентираа снимки од говори на пратеници во Собрание и пеењето на македонската и албанската химна, потоа снимки од пред ресторанот Дион, па пред Стопанска Банка на кејот на Вардар, па говори пред Собрание, снимки од видео надзорот во холот на Собранието и на крај снимка од видео надзорот на скалите во Собранието. Но, и по 18 месеци од случувањата и работење на случајот, во еден ваков тежок, комплексен случај со обвинение за тероризам, Обвинителство има видливи пропусти во доказните материјали. На некои од снимките немаше точна саатница, во колку часот на 27 април се одвиваат презентираните настани, со што не може да се направи точна хронологија и дали има поврзаност меѓу дејствијата на обвинетите, како што тврди обвинителството”, вели адвокат на еден од обвинетите кој добро ја познава конкретната правната материја и не може да разбере зошто судот се однесува на ваков аматерски и пристрасен начин.

“На една од презентираните снимки на која имаше часовник, обвинителството појасни дека часовникот бил грешен и покажувал еден час понапред од реалното време, без да се потруди да приложи барем материјален доказ за баждарење на системот за снимање, односно побара да му се верува на „чесен збор“ што е малку тешко не само поради самото обвинение со многу пропусти, туку и со евидентното намерно пропуштање на доказите кои се во корист на обвинетите и обидите да се „менаџира“ доказната постапка преку пропагандистички уредувачки селективен пристап – или што би се рекло – „сечено, креирано, лепено“, ја објаснува ситуацијата истиот извор.

Според одбраната, за ваков сериозен случај се недозволиви вакви пропусти и презентација на докази од страна на обвинителството.

Искусни правници коментираат дека никогаш во историјата на случаите во организиран криминал не се гледале снимки на ваков начин, со прескокнување на делови, со селектирана презентација на докази и со други големи пропусти незамисливи за еден ваков случај.

Дилемата за сите консултирани е присутна. Дали судот и обвинителството ги следат политичките процеси и создаваат клима во која процесот ќе падне заради политички договор или пак се работи за неможност на правосудството да ги следи налозите на политиката која што од почеток тргува со процесот но пред се со достоинството на обвинетите. Во исто време додека индиректно но јавно ги понижува судиите и обвинителите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top