| четврток, 6 декември 2018 |

Охрид работи на унапредување на спортот

Во организација на ЈП „Билјанини извори“ и Општина Охрид се одржа работна средба меѓу водечките луѓе од фудбалската, ракометната, кошаркарската и одбојкарската федерација како и со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Александар Пујоски

pujoski-bakraceski-500

На средбата се разговараше за развивање на спортот во Охрид. На иницијатива на раководството на Јавното претпријатие „Билјанини извори“ и локалната самоуправа во Охрид решивме да организираме работна средба со претседателите на федерациите од екипните спортови. Целта на оваа средба беше омасовување на спортот во Охрид и развој на спортските клубови и друштва во нашиот град.

– Она што е наша цел и на ЈП „Билјанини извори“ е да ја дадеме максималната логистичка поддршка за масовни спортски настани. Ќе бараме помош од Агенцијата за млади и спорт и од федерациите за вклучување на што поголем број спортски работници од градот – изјави градоначалникот Бакрачески.

– Ја користам оваа пригода во име на Агенцијата за млади и спорт, да го изразам моето задоволство што се наоѓам овде, во друштво на македонскиот спортски еснаф, во друштво на предводниците на ракометниот, фудбалскиот и кошаркарскиот спорт, господинот Живко Мукаетов , господинот Илчо Ѓорѓиоски и господинот Дејан Лекиќ, во градот кој се надевам дека со потенцијалот кој го поседува во смисла на просторни ресурси и, секако, во кадровска смисла, префиксот кој од дамнина го има понесено како колевка на македонската писменост и култура, во догледно време ќе стане и колевка на македонскиот спорт.

И, секако, да му заблагодарам на градоначалникот, господинот Бакрачески за неговото гостопримство и желбата во периодот кој следи да даде свој придонес во поддршка на Програмата за развој на спортот во нашата земја донесена од страна на Владата на Република Македонија на почеток на оваа година, за што несомнено, ќе ја добие поддршката од сите повикани чинители, Агенцијата за млади и спорт и националните спортски федерации – истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт, Александар Пујоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top